ПОЦ ќе уреди нов паркинг кај Зелен пазар – постигнат договор со пазарџиите

ЈП Паркинзи на општина Центар (ПОЦ) во март ќе го уреди постојниот „див паркинг“ зад Зелениот пазар за да се ослободи простор за паркирање за корисниците и продавачите на ова пазарче, информираат од ПОЦ. Станува збор за изведба на ново паркиралиште со систем за контрола преку влезно-излезни рампи. Еден дел од паркингот ќе биде наменет за пазарџиите, додека останатите паркинг места ќе им служат на жителите од улицата „11 Октомври“ и булеварот „Кочо Рацин“.

Градоначалникот на општина Центар, Саша Богдановиќ и директорот на ПОЦ, Васко Кичевски остварија средба со директорот на Скопски пазар, Младен Дамев и со претставници на пазарџиите од Зелениот пазар. Од постигнатиот договор се задоволни и продавачите на ова пазарче, а од ПОЦ се надеваат дека со ваквото решение ќе стават крај и на дивите продавачи што досега го користеа паркингот „Аутомакедонија“.

„Општина Центар во координација со пазарна инспекција ќе ја преземе одговорноста за дивите пазарџии на паркиралиштето кај „Аутомакедонија“, се нагласува во соопштението на ПОЦ.

Со ваквото решение ќе се надмине и проблемот со недостиг на паркинг места за жителите на згради околу Зеленото пазарче, за кои паркингот кај „Аутомакедонија“ е единствената локација каде што можат да ги паркираат своите возила.

Договорот меѓу засегнатите страни е постигнат откако пазарџиите во текот на јануари неколку дена го блокираа сообраќајот на улицата „Св. Кирил и Методиј“ пред седиштето на „Макпетрол“.