Платформа на граѓански организации упатија јавна реакција против одлуката на Иванов

Платформата на граѓанска организации за борба против корупцијата денеска упати јавна реакција против одлуката на претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, да донесе општ акт за прекинување на сите кривични постапки против лица за кои постојат докази и сомневања дека сториле кривични дела поврзани со политичката криза.

Оттаму велат дека претседателот е должен да го штити интересот на граѓаните за безусловно владеење на правото и за зајакнување на правната држава.

– Одлуката за аболиција нема правна основа затоа што членот 11 од Законот за помилување е поништен со законот за изменување и за дополнување на Законот за помилување донесен од Собранието во 2009 година, со што помилувањето, односно аболицијата, не е возможна. Како организации што се борат против корупцијата, сметаме дека решавањето на политичката криза што произлегува од раширената корупција и злоупотреба на власта од поединци на високо ниво, не смее и не може да се реши со аболиција – изјави Миша Поповиќ од Платформата на граѓански организации.