Песните на Тејлор Свифт, Адел, Дрејк и „Д Викенд“ повеќе нема да бидат достапни на ТикТок

Во отворено писмо до заедницата на музички уметници и текстописци, од „Јуниверзал Мјузик“ велат дека ТикТок се обидува да изгради бизнис базиран на музика без да плаќа фер вредност за музиката

Фото: колаж од фотографии на Wikimedia Commons

Најголемата музичка корпорација во светот, „Јуниверзал Мјузик“ (Universal Music) ќе ги повлече сите свои песни од ТикТок, по неуспешни разговори со платформата околу плаќањата.

Ова значи дека ТикТок повеќе нема да има пристап до песните на некои од најголемите музички уметници во светот како Тејлор Свифт, Дрејк, Адел и „Д Викенд“, пренесува Би-би-си.

„Јуниверзал“ контролира околу една третина од светската музика и со тоа има доминантна позиција во индустријата. Ги поседува правата на огромен број уметници – од Битлси, Елтон Џон до Колдплеј и Блекпинк.

Корпорацијата го обвини ТикТок за „малтретирање“ и рече дека сака да плати само дел од цената што ја плаќаат другите социјални мрежи за пристап до милионите песни на корпорацијата.

Музичките компании заработуваат хонорари кога нивните песни се пуштаат на стриминг платформите и на социјалните мрежи.

Иако ТикТок, кој е во сопственост на кинеската компанија „БајтДенес“, има повеќе од една милијарда корисници, платформата претставува само 1 отсто од вкупниот приход на „Јуниверзал“, тврдат од продукцијата.

Во отворено писмо до заедницата на музички уметници и текстописци, од „Јуниверзал“ велат дека ТикТок се обидува да изгради бизнис базиран на музика „без да плаќа фер вредност за музиката“.

Компанијата соопшти дека ќе престане да ја лиценцира својата содржина на ТикТок откако ќе истече договорот денеска (31 јануари).

Од компанијата рекоа дека покрај несоодветната компензација за уметниците, загрижени се и за штетните ефекти на вештачката интелигенција и онлајн безбедноста на корисниците на ТикТок.

Од ТикТок, пак, велат дека „Јуниверзал Мјузик“ прикажува „лажен наратив и реторика“. Од таму тврдат дека музичката корпорација „ја стави сопствената алчност над интересите на нивните уметници и текстописци“.

„И покрај лажниот наратив и реториката на Јуниверзал, факт е дека тие избраа да се оддалечат од моќната поддршка на платформата со повеќе од милијарда корисници која служи како бесплатен промотор и средство за откривање на нивниот талент“, се вели во соопштението на ТикТок.