Павиќевиќ: Од септември секој ученик треба да бира дали ќе учи во училница или од дома

Лука Павиќевиќ / Фото: Фејсбук страница на Сојузот на средношколци

Гимназијалецот Лука Павиќевиќ пред околу еден месец беше избран за нов претседател на Сојузот на средношколци, на местото на Бленди Ходаи. За тоа кои се главните проблеми со кои се соочуваат средношколците и како тие да се решаваат, разговараме со Лука во ова интервју за Мета.мк.

Од неодамна си прв човек на Сојузот. Што е она што ќе биде во фокусот на твојата работа?

Павичевиќ: Би сакал во мојот двегодишен мандат целосно да ја спроведам мојата програма. За ова најмногу ќе помогне мојот тим, составен од 8 силни и уникатни личности. Програмата се состои од 7 точки. Две од нив се приоритетни. Всушност, веќе почнавме да работиме на нив – враќањето на учениците во клупите и средношколското организирање. Заедничка точка на сите 7 предлози е да се подобри благосостојбата на средношколците преку подобрување на образованието. Еден од слоганите на кампањата е „We Need AN Education”, кој е игра на зборови со познатите стихови на Pink Floyd. Токму така – нам ни треба квалитетно образование.

Една од работите за кои се залагаш е да има комбинирана настава од септември. За што се работи

Павичевиќ: Не смееме да дозволиме да се повтори ланската ситуација кога државата немаше план што да прави со учениците. Мора да го искористиме летово да изготвиме протоколи со јасни индикатори за училиштата да можат да одлучат кој модел на настава ќе го следат. Треба да се воспостави скала која ќе го земе предвид бројот на нови случаи со ковид-19 и ќе даде рамка за трите модели на настава: од далечина, комбиниран и со физичко присуство. Комбинирата настава подразбира секој ученик да има право да избере меѓу настава со физичко присуство и настава од далечина. Тие што ќе се произнесат за настава во училиште би биле поделени во две групи кои ќе ротираат неделно – една недела онлајн, една недела во училиште. Целта е да имаме квалитетен образовен процес во време на пандемија кој ќе го штити здравјето на учениците и наставниците. Иако сега бројот на нови случаи е мал, мораме да ја антиципираме состојбата наесен.

Какво е сега средношколското организирање? Што му недостасува? 

Павичевиќ: Средношколското организирање значи учество на средношколците во процесите на носењето на одлуки кои нив ги засегаат. Средношколското организирање е нешто налик на средношколски синдикат. Тоа се состои од четири нивоа: класно, училишно, регионално и национално. На пример, Сојузот на средношколци е националното претставничко тело на средношколците. Исто така, многу важни се и ученичките заедници како директна точка на контакт меѓу Сојузот и средношколците. Ученичката заедница ја сочинуваат претседателите на класовите во едно училиште. Сегашната состојба е лоша бидејќи ученичките заедници не се спомнати во Законот за средно образование. Нивното формирање е продукт на волјата на индивидуалното училиште бидејќи нема законска регулатива за нив. Во многу училишта, ученичките заедници не се избрани на демократски начин, а тоа ја намалува нивната легитимност.

Што ќе бараш да се менува во однос на ученичките заедници во училиштата?

Павичевиќ: Ученичките заедници мора да бидат внесени во Законот, доколку сакаме заедниците да бидат демократски и легитимни. Сегашниот модел е остаток од комунистичкиот систем и како таков е исклучително бирократски. Зошто е потребно еден клас да има претседател, потпретседател и секретар ако класот има само 20 ученици? Треба да излеземе од умствените пранги на долги записници, ригидни модели и вокабулари полни со техникалии. Сојузот смета дека функцијата „потпретседател“ треба да биде укината, а титулата „претседател“ преименувана. Оваа позиција треба да се нарекува „претставник“. Исто така, важен е начинот на избор на претседателот на ученичката заедница, т.е. училишниот лидер. Моментално изборот го вршат само претседателите на класови – мошне мала група на ученици. За да ја зголемиме демократијата на ваквите тела, сметам дека претседателите на училишните заедници треба да бидат избрани директно од сите ученици во училиштето.

Зошто е важно да постојат „класни претставници“, а не „претседатели на класови?“

Павичевиќ: Еве малку да размислиме како функционира(л) системот. Имаме претседател на овој орган и претседател на онаа комисија. Имаме претседател на работна група и претседател на некакви си комисии во комисии. Средношколците како предвесници на промените и како флексибилни млади луѓе не треба да бидат оптоварени од олку бирократски поими. Втората причина е психолошка. Зборот „претседател“ создава перцепција на надмоќ и автономија во наметнувањето на сопствената волја. Во парламентарното право, ова се нарекува „слободен мандат“ кој дозволува извршување на должностите во согласност со сопствените убедувања. Но, ова не е целта на „класниот претставник“. Тој/таа треба да ги застапува ставовите на класот, а не своите. Сите ученици во класот треба да бидат консултирани пред да се донесат одлуките, а претставниците мора да ги почитуваат нивните насоки. Ова се нарекува императивен мандат. Токму затоа и самата титула „претставник“ ќе ги потсетува учениците кои се избрани на овие позиции дека нивна должност е застапување на мислењето на целиот клас. Демократските вредности од мали нозе се негуваат.