Панчевски ќе добие поголема плата, на прераспоредените ќе им останат исти

На судиите од Основниот суд Скопје, кои со новиот годишен распоред што го донесе в.д. претседателката на судот, Татјана Михајлова, се прераспоредени од кривичното во прекршочното одделение, нема да им бидат намалени платите.

На прашање на „Мета“ дали има разлики во висината на платите на судиите во овие одделенија, од Основниот суд Скопје 1 ни одговорија дека „платата на судиите е утврдена согласно Законот за платите на судиите и не постои разлика во платата кај судиите кои постапуваат по кривична или прекршочна материја“.

Сепак, од судот потврдуваат дека со новиот годишен распоред, повисока плата ќе добие поранешниот претседател на Основниот суд Скопеј 1, Владимир Панчевски, кој од кривичниот, сега е префрлен во одделот за организиран криминал и корупција, каде платите на судиите се повисоки.

– Секој судија е избран да биде судија на Основниот суд Скопје 1 – Скопје и во судот не постои систем за градација или деградација. Годишниот распоред за работа за в.д. претседателот и за судиите при овој суд се прави секоја година и секоја година се вршат прераспределби на судии во согласност со потребите по оддели и по одделенија за да не дојде до застој во работењето и до одолжување на постапките. Тоа е интерна организациска работа на судот и тоа не влијае на дигнитетот на вршителите на судската власт – се додава во одговорот од судот на нашето прашање.

Инаку, според членот 4 од Законот за плати на судиите, „висината на платата на судијата се утврдува во зависност од видот на судот, специјализираниот судски оддел (видот на предмети по кои постапува), внатрешните должности во судот (претседател на: суд, оддел, одделение и совет), судскиот стаж, научно-стручните звања и специјализацијата и постигнатите резултати во вршењето на судиската функција.

Според членот 5 и 5-а, платата се пресметува така што се множи основицата, која изнесува 25.726 денари, со коефициентот за утврдување на плата.

Коефициентот, пак, се движи од 2,8 до 3,7 во зависност од надлежноста на судот и според ова платите на судиите се распоредени во шест групи.

  • Во првата група се судиите (коефициент 2,8) и претседателите (3,0) на судовите со основна надлежност;
  •  Втората група ги опфаќа судиите (коефициент 2,9) и претседателите (коефициент 3,2) на судови со проширена надлежност (каков што е Основниот суд Скопје 1, н.з.);
  •  Третата група ги опфаќа судиите (коефициент 3,2) и претседателите (коефициент 3,5) на апелационите судови и судиите во специјализираното судско одделение во Основниот суд Скопје 1 надлежно за судење на дела од областа на организираниот криминал и корупција за целата територија на Република Македонија;
  •  Четвртата група ги опфаќа судиите (коефициент 3,3) и претседателот (коефициент 3,6) на Управниот суд;
  •  Петтата група ги опфаќа судиите (коефициент 3,35) и претседателот (коефициент 3,65) на Вишиот управен суд;
  •  Шестата група ги опфаќа судиите (коефициент 3,4) и претседателот (коефициент 3,7) на Врховниот суд на Република Македонија.

Работното искуство на судиите, според челнот 10 од Законот, се вреднува со додаток на платата од 0,5 отсто за секоја почната година на работен стаж, а најмногу до 20 отсто.

Со новиот годишен распоред на Михајлова, меѓу прераспоредените се и неколкумина судии кои ги прифатија барањата на Специјалното јавно обвинителство за одредување притвор на некои од осомничените во нивните постапки, како и претреси во институции за потребите на истрагите на СЈО. Дел од експертите новиот годишен план на судот го оценија како чистка на судиите поради СЈО. Судот ги демантираше ваквите наводи, со тврдење дека „годишниот распоред се утврдува единствено во функција за ефикасно работење на судот, а пред сè за да се задоволат потребите на граѓаните“.

Инаку, вчера Врховниот суд прифати седум од вкупно осум поднесени приговори од судии кои беа прераспоредени од кривичното во прекршочното или во други одделенија на судот. Сè уште не се знае дали по ова в.д. претседателката Михајлова ќе треба да прави нов распоред.