Отворен малиот новогодишен саем на книгата на „Темплум“ со разговори за два романа

Фото: Мета.мк

Со разговор за книгите „Разнишан свет“ од Ирина Јурчева и „Ходник кон амнезија“ на Александра Мачковска, вчера започна програмата на годинешниот Мал новогодишен саем на книгата кој по 12-ти пат се организира од страна на издавачката куќа „Темплум“

Разговорот се одвиваше во делот пред стрип-книжарницата „Гладно срце“, во пријатна атмосфера со вљубеници во книжевноста кои стоеја на студено. Публиката, пиејќи топли напитоци, беше воведена во настанот од Фросина од издавачката куќа „Темплум“ како промотерка на настанот.

„Јас Ирена и Александра ги поврзувам и постојано наоѓам сличности меѓу нив двете. Пред две години и двете влегоа во финалето за наградата за дебитантски ракопис „Новите“. Тогаш победи Ирена со нејзината прва збирка раскази „Белата е најстрашната боја“. Во изминативе две години ова е веќе втора книга и за нив двете. Голем дел расказите во збирката на Ирена се дистописки, што значи постои директен пристап и осврт кон општествениот контекст. Кај нас сè поретко се среќаваме со млади автори кои пишуваат од дистописки аспект, што беше твојата инспирација за да ги обработиш темите вклучени во расказите?“, праша промотерката Фросина.

„Ликовите сами си се наметнаа. Оваа книга е пишувана осум години. Можете да размислите како е да се расправате со истите ликови во вашата глава осум години и одеднаш да го видите тоа испечатено во преубава корица. Дистопијата не се насетува на почетокот, расказите се градски, скопски урбани. Понатаму се забележува чудесното, фантастичното. За ова се инспирирав од тоа што паралелно ја пишував мојот магистерски труд со наслов „Културолошко преведување на „Сиимарилион“ од Џ.Р.Р Толкин“. Некаде кон крајот на книгата се обидувам да ги хармонизирам чудесното и дистопиското. Ме инспирираше литературата што требаше да ја прочитам за да ја напишам магистерската.“ раскажа наградуваната авторка Ирена Јурчева.

Фото: Мета.мк

Писателката Александра Мачковска за својата втора книга „Ходник кон амнезија“ истакна дека главната инспирација била соочувањето со менталните болести и менталното здравје.

„За книгата беше потребно големо истражување. Ја посетив душевната болница „Бардовци“ и разговарав со психијатар, а имам близок контакт со лице кое се соочува со ментални болести. Жално е што никој пред ковид не ги споменуваше менталните болести кај луѓето. Се работи за психата, што е суштина на човековото битие, онаа што го оформува него и светот во кој живее. Многу малу луѓе се запиознаени со овие психолошки болести и како луѓето се соочуваат со нив.“, истакна Алексаднра.

Активностите предвидени на годинешната програма на саемот продложуваат и денеска, со доделувањето на наградите „Новите!“ за најдобар дебитантски ракопис и „Лифт“, годишната награда за стрип во културниот простор Центар – Јадро во часот.