Мал новогодишен саем на книги на „Темплум“ и доделување на две награди

Од 27 до 30 декември во книжарницата „Гладно срце“ по дванаесетти пат ќе се одржи Малиот новогодишен саем на книгата во организација на издавачката куќа Темплум.

Во рамките на малиот саем, ќе се одржат промоции на книги. Воедно, во културниот простор Центар – Јадро ќе се одржи и доделувањето на две награди: „Новите!“ за најдобар дебитантски ракопис и „Лифт“, годишната награда за стрип.

Доделувањето на двете награди и промоцијата на наградените публикации ќе се случи во вторник (28.12.2021 година) во 20 часот, додека сите други настани ќе се одржат во книжарницата „Гладно срце“.

На овогодинешната програма, во понеделник со почеток од 17 часот ќе се одржи разговор за новата збирка раскази на Ирена Јурчева „Разнишан свет“. Еден ден подоцна, од 16:30 часот ќе се одржи промоција на книгата за правата на животните „Животот на животните“ од Џ.М. Куци. Промотор е Радмила Пешева од „Анима Мунди“.

Во среда од 18 часот ќе се одржи промоцијата на Зборникот ПОПРЕЧЕНОСТ: текстови за инвалидните тела, а промотор е Гере Трипков.

За четврток од 16:30 часот е закажана промоцијата на квир и феминистичките графички романи „Лагата и како ја раскажавме“ од Томи Периш и „Плод на знаењето“ од Лив Стромквист.

Од издавачката куќа Темплум информираат дека работното време на книжарницата „Гладно срце“ е од 12 до 20 часот.