Османи на средба со Борел: Не смее да има назадување на интеграциските процеси

На средбата Османи го брифираше шефот на европската дипломатија за текот на парламентарната дебата со цел усвојување на уставните измени, како преземена обврска за непречен пат на земјата кон полноправното членство во ЕУ

Форо: Министерство за надворешни работи

Министерот за надворешни работи Бујар Османи, во рамки на работната посета на Шпанија, оствари средба со Високиот претставник на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика и потпретседател на Европската комисија, Жозеп Борел. На средбата Османи го брифираше шефот на европската дипломатија за текот на парламентарната дебата со цел усвојување на уставните измени, како преземена обврска за непречен пат на земјата кон полноправното членство во ЕУ.

„Со усвојувањето на уставните измени Северна Македонија докажува дека е подготвена за членство во Европската Унија, а очекува од Унијата пристапните преговори да завршат до крајот на 2030 година. Оттука, ни земјата ни Унијата не смеат да дозволат никакво евентуално назадување од целта.” рече Османи.

Уверувајќи го Борел за максималните напори на Владата за европеизација на целокупниот политички систем преку веќе утврдените неопходни реформи, рефлектирани и во позитивните извештаи на Европската Комисија, Османи го поздрави новиот План за развој на Европската комисија како навремен одговор на нашето барање за повеќе интеграција и бенефити за нашите граѓани долж патот кон пристапно членство.

„Поголема интеграција пред самото членство во ЕУ е во наш, но и во интерес на Унијата: Што поразвиен партнер денес, значи покорисен сојузник утре,“ истакна Османи.

Соговорниците разменија мислења и за други актуелни теми , со акцент на последните случувања во регионот, а стана збор и за соработката меѓу Унијата и ОБСЕ, со која претседава министерот Османи