ОРМ: Сите компании ќе претрпат одредена штета од кризата предизвикана од Ковид-19

Организацијата на работодавачи на Македонија (ОРМ) спроведува анкетно истражување кое треба да даде попрецизна слика за обемот и последиците од намалената економска активност во земјата предизвикана од кризата со пандемијата од Ковид-19.

Истражувањето се спроведува по електронски пат, преку анкетен прашалник кој е доставен до членките на ОРМ, а истиот е достапен и за останатите компании.

Целта е што поголем број микро, мали, средни и големи компании од сите сектори да дадат информации за нивна тековна состојба и мерките што ги преземаат за да ги ублажат проблемите со кои се соочуваат во актуелната криза, како и за видот на поддршка што тие ја очекуваат од Владата.

„Нашето предвидување, кое се темели на досегашните сознанија и комуникацијата што ја имаме со членките, е дека скоро сите компании ќе претрпат одредена штета од кризата предизвикана од Ковид-19. Кај некои тоа ќе биде како резултат на воведените ограничувања и забрани од Владата кои најмногу ги погодија фирмите од услужните дејности, кај други заради отсуството од работа на голем дел од работниците, кај некои поради застојот во снабдувањето со репроматеријали, а кај повеќето заради намалената потрошувачка,“ вели претседателот на ОРМ, Ангел Димитров.

Значителен дел од предложените мерки од ОРМ беа прифатени од страна на Владата и беа преточени во активни мерки и уредби. Такви се на пример мерките кои се однесуваат на примената на Законот за работни односи во делот на исплатата на платите на работниците во услови кога на компаниите им е оневозможено да работат и да ја обавуваат својата дејност, како и мерките преточени во уредби кои се однесуваат на финансиската поддршка за компаниите и работодавачите од приватниот сектор кои се соочуваат со пад на приходите, а кои ќе овозможат исплата на плати и придонеси за работниците и ќе ја спречат загубата на работни места.