Општина Центар: Час поскоро прекин на наставата поради загадениот воздух

„Мора итно да се донесат мерки за заштита од загадениот воздух. Утрово, воздухот во Центар беше загаден деветпати повеќе од дозволеното, а вчера Скопје беше најзагаден град во Европа. Прекин на наставата е најбрзата од низата мерки што треба да се донесат час поскоро, за децата да не трпат последици по здравјето“, се вели во реакцијата на Општина Центар, откако Министерството за образование не го прифати предлогот учениците да почнат порано со распустот.

Од Општината посочуваат дека во европските метрополи Милано и Рим итно се донесоа мерки, како што се „Ден без автомобил“ и „Анти-смог евтини билети за градкиот превоз“. Во Милано, исто така, е прекината и наставата за учениците, а просечното загадување е двојно помало од загадувањето во Скопје.

„Затоа, уште еднаш апелираме до Министерството на образование и наука, овојпат да ја прифати нашата иницијатива и да донесе одлука за прекин на наставата за да се заштититат децата. Исто така, апелираме до Градот Скопје и до другите надлежни институции, да ги разгледаат сите други можности и мерки и веднаш да се усвои пакет решенија за заштита на здравјето на граѓаните. Ситуацијата од ден на ден е сè поалармантна и нема веќе време за губење“, стои во соопштението од Општина Центар.