Општина Штип вработува советник за возен парк со завршен Рударски факултет

Фото: Кабинет на градоначалник на Општина Штип

Преку јавно објавен оглас, Општина Штип бара шест нови извршители, меѓу кои и замената за пензионираниот раководител на финансии, но и советник за водење на антикорупциска политика и политика на интегритет. Сепак, најголемо внимание во јавноста привлече работното место советник за возен парк, каде за плата од 26.700 денари месечно, се бара некој со завршен Рударски факултет.

„Условите се наместени со математичка прецизност, така што веќе го знаеме и името на оној кој треба да биде вработен,“ реагираа денеска од опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ.

Новиот градоначалник на Штип, Сашко Николов пак тврди дека времето на местење и договарање на огласите во завршило во 2016 година, кога падна ВМРО-ДПМНЕ од власт.

„Сега сме во време на транспарентност, секоја ситуација е јавно достапна за сите на увид и тука не гледам причини за такви обвинувања. Тоа се места кои се предвидени со систематизацијата и план за работа направени од претходниот градоначалник, ние само ги спроведуваме,“ одговори градоначалникот Николов.

Преку оглас се бараат и виш соработник за јавни набавки, систем администратор на ИТ мрежи и соработник за контрола за финансиски документи.

Ова е првиот распишан јавен оглас за вработување на новиот градоначалник Сашко Николов. Неговиот претходник Благој Бочаврски, кој е актуелен министер за транспорт и врски, со себе зеде дел од луѓето од неговиот кабинет.

Прашан околу промените за неговите најблиски соработници и раководители во Општина Штип, Николов рече дека останува со сегашниот состав, додека на директорите на јавните претпријатија им остави простор од месец – два, како што рече за „прилагодување кон неговиот начин на работа“.