Фото: Архива, Министерство за правда

Лице на 52-годишна возраст кое издржувало казна затвор во Казнено поправна установа во Штип успеало да измами сограѓанин и да подигне брз кредит на туѓо име. СВР Охрид поднесе кривична пријава против Н.С. (52) од Охрид, поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела „измама“ и „злоупотреба на лични податоци“.

„Со намера да стекне со противправна имотна корист, преку лажен фејсбук профил, остварил контакт со Г.П. од Охрид и доведувајќи го во заблуда, го убедил да обезбеди валидни лични податоци и документи од трето лице, кои подоцна ги злоупотребил за подигнување кредит од финансиско друштво кое се занимава со издавање брзи кредити“, информираат од Министерството за внатрешни работи.

Од МВР засега нема објаснување како е можно лицето кое издржувало казна во штипскиот затвор да има пристап до интернет.