Основното јавно обвинителство Скопје апелира да не се изнесуваат шпекулации во јавноста во врска со смртта на девојката од Аеродром, а по утврдувањето на нови релевантни околности, Обвинителството дополнително ќе излезе со информации.
Од ОЈО информираат дека очекуваат МВР да им ги достави комплетните податоци од спроведените полициски истраги и прибраните известувања од сите граѓани кои имале сознанија за овој настан, а со кои бил извршен информативен разговор, како и од оние разговори што дополнително ќе бидат спроведени во МВР во делот на предистражната постапка.
Вчера, додаваат од Обвинителството, биле земени материјални траги и од такси-возилото во кое била девојката пред нејзината смрт. Тие, по наредба на ОЈО, ќе бидат анализирани од Одделот за криминалистичка техника на МВР заради утврдување траги од ДНК.
„Овој чекор е преземен во насока на откривање и обезбедување материјални докази за постоење на евентуално кривично дело и обезбедување траги кои потекнуваат од предметниот настан, а кои ќе може да се користат како материјални докази во текот на постапката. Исто така, се очекуваат комплетните резултати од Институтот на судска медицина и медицинска деонтологија при Медицинскиот факултет кои постапуваат по дадени наредби од страна на ОЈО Скопје“, информираат од јавното обвинителство.