Објавени се резултатите за стипендии за магистерски студии – доделени 34 од предвидени 50 стипендии

За лицата кои запишале магистерски студии беа предвидени 50 стипендии, при што во конкурсот стоеше дека 40 стипендии се наменети за студенти на природно-математичките науки, а десет за општествените науки. Сепак, од предвидените 50, доделени се вкупно 34 стипендии

Photo by Sincerely Media on Unsplash

Министерството за образование и наука (МОН) ги објави резултатите од конкурсот за доделување стипендии за академски студии од втор циклус за академската 2023/2024 година.

За лицата кои запишале магистерски студии беа предвидени 50 стипендии, при што во конкурсот стоеше дека 40 стипендии се наменети за студенти на природно-математичките науки, а десет за општествените науки.

Сепак, од предвидените 50, доделени се вкупно 34 стипендии.

Во меѓувреме, МОН пред повеќе од два месеца го отстрани конкурсот од својата интернет страница, затоа што биле пријавени „доволен број апликанти“.

Лицата кои сакаат да конкурираат за стипендија на магистерски студии требаше да ги задоволат следниве услови: да имаат остварен успех од најмалку 8,50, да се запишани на втор циклус студии, да не се во работен однос, да не се корисници на стипендија од други даватели и на денот на конкурирањето да не се постари од 27 години.

Објавувањето на резултатите за стипендии од оваа категорија доцнеше четири месеци, а на прашањето на Мета.мк зошто овој, како и конкурсот за стипендии за трет циклус на студии се повлечени, од МОН на 18 мај одговорија:

„Конкурсите не се повлечени, туку како што и беше наведено во истите, аплицирањето престанува во моментот кога ќе се пријават доволен број апликанти“.

Во меѓувреме, резултатите од конкурсот за стипендии за докторанди, сè уште не се објавени, и покрај тоа што МОН во неколку наврати ги најави.

Резултатите од конкурсот за стипендии за академски студии од втор циклус може да се погледнат подолу.

1. Кандидати коишто ги исполнуваат условите наведени во Конкурсот во подрачјето на општествени науки

2. Кандидати коишто ги исполнуваат условите наведени во Конкурсот во подрачјето на техничко-технолошки науки и природно-математички науки