Објавена студијата „Стрип – деветтата уметност“ од Томислав Османли

Книгоиздателството „Бегемот“ ја издаде книгата „Стрип – деветтата уметност“, капитално дело посветена на медиумот, уметничкото творештво, општествените влијанија и естетиката на стрипот. Книгата претставува ново, изменето и опсежно, речиси двојно дополнето издание на првата македонска теоретска книга во доменот на „деветтата уметност“, првично објавена под насловот „Стрип – запис со човечки лик“, најнапред во 1987 година, на 133 страници, а потоа и во 2002 година, на 199 страници.

Најновото издание е со голем број нови теми, содржини и илустрации, на 346 страници текст и слики. Со тоа се дополнува празнината која настапи по веќе дамнешното исцрпување на оваа книга за која не престанува интересот меѓу генерациите автори, проследувачи и љубители на деветтата уметност.

Новото проширено издание „Стрип – деветтата уметност“, покрај додатоците и елаборациите во сите содржини, воведува едно сосем ново опсежно теоретско поглавје „Стрип и ангажман“ во кое, врз голем број примери на стрип творби, авторот го разгледува поимот на политичките дејство на деветтата уметност.

Освен тоа Османли, инаку автор на хрониката на македонскиот стрип од неговите почетоци сѐ до оваа негова деветта декада, опсежно ги дополнува содржините на порано застапените стрип дејци, како и листата на автори на деветта уметност од поново време. Книгата содржи и детален индекс на објавите на и за стрипот како и на стрип изложбите на нашите стрип автори.

Авторот на поговорот на„Стрип – деветтата уметност“, стрип-авторот Александар Стеванов, порачува дека излегувањето на книгата може да се смета за најзначајниот настан со сферата на стрипот во последние неколку децении.

„Со квалитетот кој ги надминува границите на нашата земја, во оваа импресивна студија за уметноста на приказните во слики, чие што објавување со нетрпение го очекував, верувам дека би уживал секој еден стрипољубец. Впрочем, моја цврста убеденост е дека нејзиното објавување ќе биде прибележано како најзначајниот македонски стриповски настан и тоа не само на оваа туку и на претстојните години, барем од неговата деветта декада“, пишува Стеванов.

Книгата „Стрип-деветта уметност“ финансиски е подржана од македонското Министерство за култура.