Новите министри седнуваат во фотелјите, Мицкоски ја презеде премиерската функција

Игор Филков ја презеде функцијата министер за правда, Муцунски ќе патува за Луксембург, додека премиерот Христијан Мицкоски ќе оди во Штип. Функцијата министер за здравство денека ја презеде и и д-р Арбен Таравари

Фото: Собрание на РСМ

Христијан Мицкоски ја презеде функцијата премиер на Република Северна Македонија. Денеска се одржа примопредавање на премиерската функција помеѓу досегашниот претседател на Владата, Талат Џафери, и новоизбраниот претседател на Владата.

Фото: Влада на РСМ

„Констатирано беше дека преодната Влада и државните институции успешно одговорија на должноста за организирање слободни, фер и демократски изборни процеси и овозможија мирно и демократско примопредавање на власта. Ова се оцени како придонес во европското поведение на државата, којашто цели кон полноправно членство во Европската Унија“, известуваат од Владата.

Досегашниот премиер Џафери, посочи дека на државата, како и досега, и понатаму ѝ се потребни квалитетни реформи, со цел унапредување на квалитетот на живот на граѓаните според европските демократски стандарди и вредности. Изразена е и надеж за високо ниво на политичка свест и соработка околу стратешките приоритети.

Мицкоски, денеска попладне, како што е најавено, ќе биде во работна посета на општина Штип.

Во меѓувреме, Игор Филков ја презеде функцијата министер за правда. Тој најави дека во својот мандат ќе преземе реформи во сферата на правосудството и засилување на борбата против криминалот и корупцијата, деполитизација на судството и обвинителството, враќање на довербата на граѓаните во правосудниот систем и владеење на правото.

„Во периодот кој следи ќе се обрне поголемо внимание на измените на Законите за Судски совет, за Јавно обвинителство, за Совет на Јавни обвинители, спроведување на реформската агенда во рамки на процесот на имплементација на Планот за раст на Западен Балкан, Патоказот за владеење на правото кој ќе ги исцрта насоките на реформите и мерките до крајната цел-завршување на преговорите како и вклучување на земјите кандидати во Извештајот за владеење на правото како инструмент за рана детекција или превенција на предизвиците со владеењето на правото“, се вели во соопштението на Министерството за правда.

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, на првиот ден од почетокот на мандатот ќе патува за Луксембург, каде ќе учествува на Состанок меѓу министрите за надворешни работи на Европската Унија и земјите од Западен Балкан. Настанот се одржува во рамки на Советот за надворешни работи на ЕУ, а во организација на потпретседателот на Европската комисија и висок претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност, Жозеп Борељ.

На состанокот ќе стане збор за евроинтегративните процеси на земјите од Западен Балкан, како и модалитетите за зајакнување на соработката и присуството на ЕУ во нашиот регион.

Во рамки на посетата, Муцунски ќе присуствува на аудиенција кај Големиот војвода од Луксембург, Анри, како и на работна вечера со министрите за надворешни работи на Европската унија и Западен Балкан на покана на заменик премиерот и министер за надворешни работи и надворешна трговија на Луксембург, Ксавие Бетел.

Муцунски од Луксембург ќе продолжи во прва работна посета на Брисел, во чии рамки ќе се сретне со генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, како и со високи претставници на Европската унија.

Во просториите на Mинистерството за здравство и новиот министер за здравство Арбен Таравари, ја прими функцијата од неговиот претходник.

Собранието на Република Северна Македонија, со 77 гласа „за“ и 22 „против“, ја избра новата Влада, чиј состав го предложи новоизбраниот премиер Христијан Мицкоски. Против Владата гласаа пратениците од СДСМ и Левица, а Европскиoт фронт ја напушти седницата кратко пред нејзиното завршување.

Во владејачкото мнозинство учествуваат три политички субјекта, Коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ, „Вреди“ и ЗНАМ, а согласно резултатите од 11. парламентарни избори, што се одржаа на 8 мај.

Христијан Мицкоски е 13-ти премиер, а ова е 20-та влада од осамостојувањето на Македонија. Во Владата ќе има 23 министри, а од нив пет ќе бидат и вицепремиери.

Избран новиот владин кабинет, Мицкоски рече дека мора да ја користи „срамната придавка Северна“