Новиот електромоторен воз тргна за Велес

Премиерот Никола Груевски денеска свечено го пушти во употреба првиот нов електромоторен воз на „Македонски железници“, набавен од Кина.

По промоцијата на скопската Железничка станица, возот се упати кон Велес, а во него се возеа премиерот Груевски, владини министри и медиумски екипи.

– Денеска е историски ден за македонскиот железнички транспорт. Помината е цела една историја во која никој не се погрижил да набави нови возови за македонските граѓани. Жално е што ниту една влада не се сетила на „Македонски железници“, на македонските патници и станици, а од друга страна, горди сме што почнуваме со крупни проекти кои севкупно ќе го подобрат имиџот на железничкиот сообраќај во Република Македонија. На почетокот од оваа година ги пуштивме во употреба 150 нови транспортни вагони, инвестиција вредна 13,2 милиони евра. Ќе пристигнат уште пет нови возови, капитална инвестиција од околу 25 милиони евра – изјави Груевски.

Новиот електромоторен воз е изработен во согласност со техничките стандарди за интероперабилност на ЕУ.

– Тековните проекти за купување нови возови и вагони, за реновирање на железничките станици, на халите за одржување, како и за обнова и за изградба на нови железнички пруги, претставуваат вкупна инвестиција вредна 600 милиони евра. Вакви капитални инвестиции во железницата не се направени повеќе од 30 години. Со истото темпо продолжуваме и во наредниот период – рече Груевски.