Нов случај на африканска чума во Македонска Каменица

Фото: Christopher Carson on Unsplash

Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) ги известува одгледувачите на свињи дека од Ветеринарниот институт при Факултетот за ветеринарна медицина Скопје доби потврда за појава на нов случај на болеста африканска чума кај свињите во едно одгледувалиште со екстензивен начин на чување свињи во село Моштица, општина Македонска Каменица.

„По поднесената пријава за сомнеж на болеста во одгледувалиштето, спроведена е официјална контрола од инспекциските служби на АХВ, а по извршеното лабораториско тестирање на земените мостри од угинати две свињи, од Факултетот за ветеринарна медицина, потврдено е и присуството на болеста“, вели Николче Бабовски, директорот на АХВ.

Бабовски додава дека на одгледувалиштето биле спроведени сите потребни мерки за уништување на вирусот, а во тек била и епидемиолошка истрага за утврдување на причинителот.

„АХВ издаде ново решение со кое нареди преземање на контролни и заштитни мерки за сузбивање и контрола на болеста во високоризичната зона (сите општини во пограничната линија со Република Бугарија и Република Србија), во зоната на заразено подрачје (ги опфаќа ловиштата во радиус од 20 километри од примарното жариште) и целата територија на Република Северна Македонија. За појавата на ново жариште на болеста африканска чума кај свињите“, вели Бабовски.

АХВ за случајот официјално ги известила Светската организација за здравствена заштита на животните – ОИЕ и Европската комисија.

Африканска чума кај свињите не се лекува. Тоа е вирусно заболување кај домашните и дивите свињи кај сите старосни категории кое предизвикува големи економски загуби. Вирусот се излачува преку крв, ткива, секрети и екскрети од болни или угинати животни. Болеста се пренесува и шири со директен контакт помеѓу здраво и болно животно, трупови од угинати животни и луѓе, а индиректно се пренесува преку заразена храна и отпадоци од храна, опрема, возила и облека.

Мерките за контрола и искоренување на болеста се забрана и контрола на движење на животните, убивање и нештетно уништување на заразените животни, како и чистење и дезинфекција.