Државата не презема долгови на приватни компании, туку директно ги обештетува лозарите, а преку финансиските инструменти на Управата за јавни приходи (УЈП), тие пари ќе бидат вратени во Буџетот, посочи денеска министерот за земјоделство,шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски, одговарајќи на новинарско прашање.

– Во следните три години, согласно Законот за земјоделство и рурален развој, сите исплати кои што ќе ги прават компаниите за кои што се презема долгот, ќе бидат стопирани преку УЈП и ќе бидат средства на Буџетот, односно преку Платежната агенција ќе се вратат во Буџетот. Не е точно дека со државни пари се покриваат долгови на приватни фирми, ние директно ги помагаме и обештетуваме лозарите – порача тој.

Министерот објасни дека одлуката ќе биде донесена од владата за два дена.

– Одлуката на Влада ќе се донесе на седница овој четврток. За земја во која што земјоделството е основна гранка, лозарството која што е најстратешка гранка, со девизен прилив од над 100 милиони евра од кој што сите граѓаните во државата имаат бенефит, лично сметам дека државата треба да води грижа за сите граѓаните, и на овие граѓаните на лозарите треба да им се помогне за да можат да застанат на нозе и да можат да ја вршат дејноста од која што девизен прилив има целата држава – изјави Николовски.

На вчерашната собраниска седница, се усвоија измените на Законот за земјоделство и рурален развој, со што се постави и правниот основ за државата да ги обештети лозарите. Со законските измени се создава можност Владата да донесе одлука за дополнителна помош за одреден земјоделски производ, откупен најмногу пред пет години од денот на донесувањето  на одлуката, а неплатен од страна на регистриран откупувач.

Така, лозарите кои во периодот 2014-2016 година го предале грозјето во винарници кои биле регистрирани во регистарот на Министерството за земјоделство шумарство и водостопанство (МЗШВ), а не добиле пари за предаденото грозје, ќе бидат обесштетени.

Николовски потенцираше дека се подготвуваат и нови измени на Законот за вино и но во другите соодвтени закони, со кои ќе се воведат инструменти со кои што земјоделците, лозарите ќе бидат заштитени во делот на откупот и исплатата на земјоделските производи.

Инаку за откупеното грозје од реколтата 2017 сите откупувачи на грозје регистрирани во МЗШВ ја имаат комплетно завршено исплатата кон лозарите, велат од Mинистерството.