Наумов: Не се знаe за што ќе се трошат средствата од новите задолжувања

„Министерството за финансии на денешната аукција на државни хартии од вредност, наместо бараните пет милиони евра запиша десет милиони евра, односно двојно повеќе. Сè уште нема никакво објаснување за која намена се користат средствата од новите задолжувања“, се вели во соопштението на дополнителниот заменик-министер за финансии во оставка, Кире Наумов.

Според него, нетранспарентноста на буџетските трошења и темпото на зголемување на јавниот долг се двете најизразени забелешки во сите извештаи од меѓународните финансиски институции и од Европската комисија за економската состојба во Македонија.

– По скандалозната одлука на Вишиот управен суд, со која се врати на повторно одлучување постапката околу задолжувањата на домашниот пазар, Управниот суд на Македонија сè уште нема донесено нова пресуда, иако се поминати повеќе од два месеци. Со неодлучувањето од страна на судот, само се остава простор за нови задолжувања на грбот на граѓаните – се додава во соопштението на Наумов.