Наместо трамвај, Скопје допрва ќе работи на проект за „автобуско метро“

Метробус системот во Истанбул | Извор на фотографија: Mecidiyeköy_Metrobüs Durağı.jpg:, CC BY-SA 3.0, https://commons.wikimedia.org/w/index.php?curid=20811593

По многуте недоумици во јавноста, владата пресече дека ќе го поддржи воведувањето на брз автобуски систем (БРТ) во Скопје. На вчерашната владина седница се разгледала и усвоила информацијата за воведување на т.н. „автобуско метро“ со превозни средства што ќе се движат на електричен или хибриден погон. Инаку, терминот „автобуско метро“, кој го има и во владиното соопштение, е несмасен превод од англиската верзија ‘Metro Bus’ или ‘Metropolitan Bus’ што буквално значи „градски автобус“ и нема врска со „метро“, односно подземна железница.

Новиот јавен превоз во главниот град ќе биде физички одвоен од останатите учесници во сообраќајот, така што за изведба на нивната траса ќе се зафати посебна сообраќајна лента во секој правец од скопските улици.

– Владата го задолжи Министерството за финансии да ја започне постапката со писмо за намери до Европската банка за обнова и развој за поддршка за изработка на физибилити студија, како и за можните опции за финансирање на комплетниот проект – информираат од владината прес – служба.

Најновиот развој на настаните со скопскиот јавен превоз покажува дека за воведување на брзиот автобуски систем (БРТ) допрва ќе се изработува документацијата, која може да одземе подолг период. Најпрво ќе треба да се изготви физибилити студија за изводливоста од воведување на автобуското метро во Скопје. По оваа фаза, ќе треба да се изработат сообраќајни студии, но и проектна документација што ќе мора да предвиди надградба на постојните сообраќајници во Скопје по кои ќе поминуваат овие автобуси. Ваква документација за трамвајот веќе е изработена, со исклучок на основниот проект.

За разлика од обичните автобуси, имплементацијата на БРТ означува изведба на градежни работи на улиците кои ќе значат физичко одвојување на сообраќајните ленти за метро автобусите од останатиот сообраќај. Доколку се градат во средишниот појас на булеварите, идните автобуски постојки ќе треба да се изведат на местото на постојните жардиниери.

Од владата информираат дека „автобуското метро“ ќе го направи јавниот превоз атрактивен за граѓаните и ќе го намали користењето на приватните возила во главниот град. И експертите од земјава во досегашното истражување на оваа тема се согласија дека на Скопје му е потребен ново средство за масовен транспорт.

Професорот Никола Крстаноски од Техничкиот факултет од Битола пролетва во изјава за „Мета.мк“ посочи дека надлежните институции треба да изберат помеѓу брз трамвај и брз автобуски систем како две најсоодветни алтернативи за главниот град. Досегашното искуство, посочи професорот Крстаноски, е дека воведувањето на брз автобуски систем би чинело од 7 до 20 милиони евра по километар, додека за изградбата на брз трамвај ќе бидат неопходни од 10 до 80 милиони евра по километар.

Експертите се согласни дека „автобуското метро“ е поевтино за изведба, но и дека треба да се согледаат неговите недостатоци. Капацитетот за превоз на патници на еден трамвај е поголем од бројот на патници што може да ги превезе еден автобус. Воедно, искуствата од другите градови што имаат вакви автобуси, идентично како и за трамвајот, покажуваат дека се потребни широки сообраќајници од кои ќе може да се одземат сообраќајни ленти за воведување на автобуското метро.

„Мета.мк“ веќе пишуваше дека најголем проблем за воведувањето на алтернативно средство за масовен транспорт во Скопје ќе бидат сообраќајните гужви на неколку точки во градот – Транспортен центар, сите улици што минуваат низ строгиот центар и булеварот „Партизански одреди“ кај Буњаковец. Токму од овие локации ќе треба да се одземат сообраќајни ленти за движење на „автобуското метро“.