На УКИМ има место за 9.921 нови студенти, објавен е конкурсот за упис

Според конкурсот, 4.761 место се за редовни студенти во државна квота, 4.210 за редовни студенти со кофинансирање на студиите, а 950 места за вонредни студенти. Пријавувањето во првиот уписен рок е на 29 и 30 август

УКИМ
Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ (УКИМ), Скопје / фото: Мета.мк

Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје (УКИМ) го објави конкурсот за запишување студенти на прв циклус студии во учебната 2024/2025 година.

Според конкурсот, на УКИМ има 9.921 слободно место, од кои 4.761 се за редовни студенти во државна квота, 4.210 за редовни студенти со кофинансирање на студиите, а 950 места за вонредни студенти.

Најмногу слободни места и годинава има на Природно-математичкиот факултет (ПМФ) – вкупно 1.030, по што следува Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ) со 1.020 слободни места. Меѓу факултетите на кои има најмногу слободни места за бруцошите во рамки на УКИМ се и Филозофскиот факултет (895), Филолошкиот (790), Правниот (705) и Економскиот (700).

Износот на партиципацијата за студирање за редовните студенти во државна квота е непроменета и останува 200 евра годишно. Како и во минатите години, редовните студенти што ќе ги кофинансираат студиите и вонредните студенти ќе плаќаат 400 евра годишно.

Пријавувањето на кандидатите во првиот уписен рок е на 29 и 30 август, вториот е на 17 и 18 септември, а третиот на 27 септември. Запишувањето, пак, е на 11 и 12 септември (прв рок), 26 септември (втор рок) и 30 септември (трет рок).

Проверка на знаењата и умеењата, и во оваа учебна година, ќе се врши на Архитектонскиот факултет, Факултетот за драмски уметности, Факултетот за ликовни уметности и Факултетот за музичка уметност при УКИМ.

Начинот, постапката и потребните документи за пријавување и запишување може да се најдат во објавениот конкурс на овој линк.