МВР: Лицето што го вееше знамето со „голема Албанија“ не е припадник на полицијата

Деновиве на социјалните мрежи се споделуваше фотографија од лицето што го држи знамето, при што се тврдеше дека истиот бил припадник на МВР

фото: Министерство за внатрешни работи (МВР)

На фотографијата обезбедена од полициските службеници е лицето што го вееше знамето со т.н. „голема Албанија“, соопшти попладнево Министерството за внатрешни работи (МВР) во врска со случувањата од минатиот петок, кога на собирот во Тетово за време на посетата на косовскиот премиер Албин Курти се вееше вакво знаме.

Деновиве на социјалните мрежи се споделуваше фотографија од лицето што го држи знамето, при што се тврдеше дека лицето било припадник на МВР, но тоа од министерството денеска го демантираа.

„Ова е и начин да ги демантираме пласираните лажните вести дека сторителот на ова дело е припадник на МВР“, велат од МВР.

Од Министерството ги повикуваат граѓаните, доколку го забележат лицето, имаат какви било сознанија или корисна информација за него што може да помогнат во истрагата која СВР Тетово ја води во координација со јавен обвинител, веднаш да известат во најблиската полициска станица или да пријават на телефонските броеви 192 и 112.

Инаку, од МВР претходно неделава информираа дека за време на официјалната посета на косовската делегација на нашата држава, при организираниот пречек во петокот на улицата „Ферид Мурати“ во Скопје и на градскиот плоштад во Тетово, не е постапено согласно Законот за употреба на грбот, знамето и химната на Република Северна Македонија.

„Односно за време на манифестациите организирани по тој повод не е интонирана државната химна и не е поставено државното знаме на Република Северна Македонија, со што е сторен прекршок по чл. 30 од истиот закон“, рекоа од МВР, додавајќи дека по пронаоѓање на лицето што го вееше знамето со „голема Албанија“ против него ќе биде поднесена соодветна кривична пријава.