Муцунски во МНР, Тошковски во МВР, Мисајловски министер за одбрана, Мицкоски ги соопшти имињата на својот кабинет

Мицкоски вечерва изјави дека Извршниот комитет ги дал предлозите, а Централниот комитет едногласно го усвоил предлогот за состав на новата влада

Фото: ВМРО ДПМНЕ

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ и мандатар Христијан Мицкоски вечерва ги соопшти имињата на предлозите од коалицијата „Твоја Македонија“ за кандидати за членови на новата влада. Министер за надворешни работи и надворешна трговија ќе биде Тимчо Муцунски, за одбрана Владо Мисајловски, а за финансии Гордана Димитриеска Кочоска. Панче Тошковски  ќе го раководи министерството за внатрешни работи, а Весна јаневска за образование и наука.

Заменик-претседатели на владата ќе бидат претседателот на Социјалистичката партија Љупчо Димовски кој ќе биде одговорен и за политички систем и Иван Стоиљковиќ од српската партија, задолжен за односи меѓу заедниците. Шабан Салиу ќе биде министер без ресор задолжен за интеграција на декадата на Ромите.

Во владиниот кабинет на Мицкоски влегуваат и Александар Николовски како заменик министер на владата и министер за транспорт, Златко Перински, министер за локална самоуправа, Стефан Андоновски, министер за информатичко општество и дигитална трансформација, Борко Ристовски, министер за спорт, Сања Божиновск, министер за енергетика, рударство и минерални суровини, Цветан Трипуновски, министер за земјоделство и Зоран Љутков, министер за култура и туризам.

Мицкоски вечерва изјави дека Извршниот комитет ги дал предлозите, а Централниот комитет едногласно го усвоил предлогот за состав на новата влада.

„Морам да кажам дека при изборот на кадровскиот потенцијал и решенија за состав на новата влада се водев од принципите за чесност, и посветеност, да бидат луѓе кои ќе дадат голема енергија во процесите и целосно ќе се вложат за реализација на амбициозните зацртани цели. Го немаме луксузот да не се успее, ниту пак да се прават репризи на минати владеења каде ќе се загуби врската со единствениот суверен народот. Во овие луѓе кои ги предлагам имам голема надеж и заедно не чека многу работа, мора да ги засукаме ракавите од првиот ден. Состојбите се очајни и потребни се најпрвин стабилизирање на состојбата, а  потоа и брзи резултати“, рече Мицкоски.

Владата, по донесувањето на Законот за нејзина реорганизација, наместо досегашните 16, ќе брои 20 министерства. Во Владата влегуваат и коалицијата „Вреди“ и движењето ЗНАМ. Од Алтернатива веќе соопштија дека за министер за европски прашања ќе го предложат ексдиректорот на МЕПСО и на „Македонски железници – транспрот“, Орхан Муртезани, а Лулзим Алиу и Сафије Садики-Шаини се кадрите што партијата ги предлага за заменик-министри во министерствата за образование и наука и за етнички заедници.

Предлози за министри во министерствата за правда и за јавна администрација ги соопшти движењето ЗНАМ –  за министер за правда е предложен Игор Филков, додека кандидат за прв човек во Министерството за јавна администрација е Горан Минчев.

Своите кандидати за раководните позиции во три ресори ги соопшти движењето Беса. Фатмир Лимани е кандидат за министер за социјална политика, демографија и млади, Бесар Дурмиши за министер за економија и труд, а Седат Сулејмани е кандидат за заменик-министер за култура и туризам.

Претседателот на Демократско движење, кое е дел од коалицијата „Вреди“, Изет Меџити, најави дека веројатно тој ќе биде прв вицепремиер и министер за екологија, додека Арбен Таравари ќе биде министер за здравство. Според Меџити, сериозен кандидат за вицепремиер за добро владеење е Арбен Фетаи, кој беше од крилото на Таравари во Алијансата за Албанците. Официјалниот состав на идната влада со министерските позиции и програмата за нејзината работа ќе бидат доставени во Собранието во вторник, на 18 јуни.