МОН: Училиштата не смеат да наплаќаат за свидетелствата, тоа е спротивно на Уставот и Законите

Фото: МОН

Откако Сојузот на средношколци утринава реагираше дека некои средни училишта во земјава им наплаќаат на средношколците такса за издавање свидетелства, од Министерството за образование и наука (МОН) беше испратена реакција дека училиштата не смеат да наплаќаат такси на родителите и учениците за издавање на свидетелствата, за што од страна на Министерството за образование и наука им било укажано со писмен допис уште пред крајот на учебната година.

„Педагошката документација потребна за крајот на учебната година се обезбедува од Бирото за развој на образование при што секое училиште добива дополнителни 5 отсто во случај на грешки и слично. МОН потсетува дека, согласно Уставот на Република Северна Македонија како и член 3 од Законот за основно образование, и член 3 од Законот за средно образование (“Службен весник на Република Северна Македонија” бр. 161/19 и 229/20), со кои секое дете има право на бесплатно и квалитетно образование“, се вели во соопштението на МОН.

Од Министерството додаваат дека станува збор за изолирани случаи во неколку училишта кои вршеле наплата на надоместокот за свидетелствата, за што ќе постапи Државниот просветен инспекторат.

Инаку, од Сојузот на средношколци веќе испратија известување до Државниот просветен инспекторат, наведувајќи дека неколку училишта од Скопје, Тетово и Прилеп им наплаќале за издавање на свидетелствата.