Министерката за надворешни работи Лиз Трас во Лондон беше домаќин на министрите од Западен Балкан

Извор: Амбасада на Обединетото Кралство во Скопје

Британската министерка за надворешни работи Лиз Трас вчера беше домаќин на состанокот со 6-те министри за надворешни работи од Западен Балкан во Лондон, каде што се разговараше за зајакнување на економските и безбедносните врски и обезбедување на поддршка на слободата и стабилноста во регионот.

На средбата присуствуваше и новиот Специјален претставник на Обединетото Кралство за Западен Балкан, Сер Стјуарт Пич, како и Специјалниот претставник на ЕУ Мирослав Лајчак и Заменик-помошникот државен секретар на САД Габриел Ескобар, информираат од Амбасадата на Обединетото Кралство во Скопје.

„Обединетото Кралство ги засилува своите напори за унапредување на мирот, стабилноста и просперитетот во регионот. Ова е критичен момент за Западен Балкан и важно е да се одржат мирот, слободата и демократијата што беа тешко стекнати пред повеќе од 20 години“, изјави министерката за надворешни работи Лиз Трас.

Таа неодамна беше домаќин на состанокот на министрите за надворешни работи на Г7 во Ливерпул, каде што се водеше дискусија за Западен Балкан и министрите го поздравија засилувањето на присуството на Обединетото Кралство.

„Сакам Обединетото Кралство и нашите сојузници да изградат поблиски економски и безбедносни врски со регионот, што ќе создаде нови работни места и ќе овозможи раст, а ќе помогне и во обезбедувањето на еден послободен, побогат и побезбеден Западен Балкан. Ги поздравив и им посакав добредојде и на претставниците од ЕУ и САД на овие дискусии и ја истакнав потребата од заеднички ангажман и работа во поглед на засилување на нашите напори во изнаоѓање на трајни решенија за намалување на тензиите во регионот“, изјави министерката Трас.

Како дел од овој напор, Обединетото Кралство го назначи Сер Стјуарт Пич за специјален претставник за Западен Балкан. Тој има долгогодишно искуство во регионот, како поранешен началник на Генералштабот на Обединетото Кралство и претседател на Воениот комитет на НАТО, и тој ќе го посети регионот за да го продолжи нашиот ангажман.

Ова е дел од мисијата на Министерството за надворешни работи на Обединетото Кралство, чија цел е да создаде глобална мрежа на слободни држави, која се заснова на подлабоки економски, технолошки, безбедносни и развојни врски. Како слободољубиви демократии, Обединетото Кралство ќе им помогне на земјите од Западен Балкан во одбраната и промовирањето на слободата. Тие ја имаат нашата целосна поддршка не само да преживеат, туку и да напредуваат, се наведува во соопштението на Амбасадата на Обединетото Кралство во Скопје.