Милионски тендери од Владата за „Трансмет“, фирмата што требаше да го урива „Космос“

На денешната прес-конференција, Специјалното јавно обвинителство обелодени дека го отвора случајот „ТНТ“. Обвинителката Фатиме Фетаи рече дека иако уривањето на комплексот „Космос“ требало да го изврши фирмата „Трансмет“, која имала склучено договор со Општина Гази Баба, по налог на поранешниот министер за транспорт и врски, Миле Јанакиески, преку незаконски спроведена постапка за јавна набавка, била избрана фирмата „3М изведба“, која не ги исполнувала условите, односно не била регистрирана за уривање градби и немала лиценца за користење експлозиви.

Фирмата „Трансмет“, чиј сопственик е бизнисменот Сеад Кочан,  пред неколку месеци доби лиценца за националната телевизија „Нова“, а претходно има добиено и милионски тендери од повеќе скопски општини и од владини институции.

Дополнителниот заменик-министер за земјоделство, Љупчо Николовски, во февруари оваа година објави дека само во 2014 и во 2015 година, оваа фирма добила 4 милиони евра за изградба на пристапен пат за браната „Речани“ на Оризарска Река, Кочани, и за санација на браната Пишица, во Пробиштип, за потребите на Управата за водостопанство.

– Тоа се вкупно 4 милиони евра, пари на граѓаните, преку Министерството за земјоделство за сопственикот на телевизија „Нова“, за кого од „бомбите“ слушнавме како Груевски, зборувајќи во шифри, го нарекува „оној што има сеат ибица“ – изјави тогаш Николовски.

Визуелизација: Поминете со курсорот врз точките на фотографијата – тие се интерактивни се однесуваат на бизнис-зделките на Кочан

Фирмата на Кочан  е дел од неколкуте компании што вршат реконструкција на фасади во централното градско подрачје. „Трансмет“ добила тендери и за:

    • Реконструкција на велосипедска патека во вредност од 8,5 милиони денари;
    • Новата фонтана прскалка на плоштадот Македонија во вредност од 2,4 милиони евра;
    • Изведба на фасада во стилот на „Скопје 2014“ во вредност од 170.000 евра;
    • Инвеститор на општинската зграда во Ѓорче Петров е фирмата „Трансмет“ од Скопје, која со сопствени средства треба да го издигне зданието на пет ката и со подземно паркиралиште на две нивоа и со капацитет од 350 места за паркирање. Од целокупната површина, Општина Ѓорче Петров ќе добие површина од 3.600 квадратни метри, додека преостанатиот простор ќе му припадне на концесионерот за оформување на комплексот „Емпорио бизнис центар“;
    • Фирмата „Трансмет“ била  ангажирана во изградбата на втората делница од трасата Кичево – Охрид, која вклучува изведба на 10 мостови и вијадукти. Склучениот договор со кинеската компанија „Синохидро“, која е изведувач на автопатот, е во висина од 78,6 милиони евра;
    • Трета фаза од проширувањето на булеварот Митрополит Теодосиј Гологанов. Градот Скопје во проектот вложи 92,6 милиони денари, од кои 11,6 милиони денари беа наменети за уличното осветлување.