Мета факт: Иако со проблеми, ветувањето за бесплатен интернет во училиштата во Ѓорче Петров е исполнето

Ова изборно ветување го оценуваме како исполнето, со потреба за дополнителни напори за целосна реализација до 2025 година

Фото: Philipp von Ditfurth/dpa

Во изборната програма на ВМРО-ДПМНЕ за локалните избори 2021, на страна 14, градоначалникот Александар Стојкоски вети дека ќе обезбеди бесплатен интернет во сите основни училишта во општина Ѓорче Петров.

Проверката на Мета.мк покажа дека речиси три години по доаѓањето на оваа локална власт, проектот за обезбедување бесплатен интернет во основните училишта во општина Ѓорче Петров има различни резултати во различни училишта, но дека сепак, во поголемиот дел е обезбеден, што значи дека ова ветување може да се смета за исполнето. Ветувањето се очекува да биде комплетно завршено до 2025 година.

Проектот има за цел да обезбеди бесплатен интернет за учениците во основните училишта во Ѓорче Петров, со цел да поддржи нивното учење и пристап до образовни материјали. Проверката на Мета.мк покажа дека во некои училишта интернетот е со добар квалитет, додека во други сè уште има проблеми со конекцијата.

Од општината добивме одговор дека сите основни училишта имаат пристап до бесплатен интернет:

„Во однос на обезбедувањето на бесплатен интернет во основните училишта, во општина Ѓорче Петров, сите основни училишта имаат пристап до бесплатен интернет. Општината се грижи за регулирање на обврските и обезбедувањето на потребната инфраструктура за овие услуги“, ни изјавија од Општина Ѓорче Петров.

Побаравме информации од училиштата, дали тие имаат бесплатен интернет и дали функционира како што треба.

Од ОУ „Димитар Беровски“ добивме информација дека за време на натпревар на учениците им паднал интернетот па морале сами преку телефон да си пуштаат интернет. Од ОУ „Јоаким Крчовски“ наставниците одговорија дека интернетот е со слаб квалитет и тие користат сопствен интернет.

Добивме одговор и од ОУ „Тихомир Милошевски“ дека имаат бесплатен интернет, кој ги задоволува условите на училиштето.

„Учениците во основните училишта во Ѓорче Петров можат да користат интернет ресурси без да имаат дополнителни трошоци, што е особено важно за поддршка на нивното учење и пристап до образовни материјали. Обезбедувањето на бесплатен интернет е дел од пошироката стратегија на општината за модернизација на образовниот систем и подобрување на условите за учење“, ни изјавија од општината.

Но сепак, според информациите прикажани погоре во текстот може да се заклучи дека бесплатен интернет е воведен, но дека сепак тој јавува проблеми, бидејќи некои ученици мораат да си пуштаат сами интернет за време на училишни натпревари и професорите за да работат.

Имајќи го предвид сето ова, вклучително и нашата проверка, ова изборно ветување го оценуваме како исполнето, со потреба за дополнителни напори за целосна реализација до 2025 година.

 

ИЗВОРИ:

Изборна програма на ВМРО-ДПМНЕ за локалните избори 2021 – [проверено на 25.07.2024]

Добиени одговори од Општина Ѓорче Петров, август 2024

Телефонска проверка во неколку основни училишта во Ѓорче Петров, август 2024

Оцени: Александар Ристоски