Меркел на удар поради шпионската афера

Германската канцеларка Ангела Меркел и нејзината канцеларска служба се најдоа на удар на критиките на опозицијата, но и на владејачките социјалдемократи, кои бараат објаснување за обидите на американските разузнавачки служби, преку германската БНД, да шпионираат и европски компании.

Генералната секретарка на Социјалдемократската партија, Јасмин Фахими, за „Шпигел-онлајн“ рече дека обвиненијата мора темелно и сеопфатно да се разјаснат и оти скандалот достигнува нова димензија.

Социјалдемократите, како што пренесува „Шпигел“, сметаат дека канцеларската служба е преоптоварена и сакаат соодветно да се прошири фокусот на работата на парламентарната комисија на Бундестагот за истражување на американските разузнавачки служби (НСА).

Фахими смета дека во овој случај станува збор и за кредибилитетот на самата Меркел, а опозициската партија на Зелените смета дека канцеларката е директно одговорна.

– Аферата го допира нејзиното директно поле, Сојузната разузнавачка служба (БНД) и е директно подредена – рече шефот на пратеничкиот клуб „Зелените“, Антон Хофрајтер.

Весникот „Билд ам зонтаг“ викендов објави дека канцеларската служба уште во 2008 година била запознаена оти американската НСА се обидува да шпионира европски компании, како што е произведувачот на оружје ЕАДС или „Еврокоптер“.

БНД, според сознанијата на германските медиуми, повеќе години во име на НСА шпионирала европски политичари, компании и менаџери.