Менталното здравје и креативните професии: Невидливата борба зад творењето

Зад хипнотизирачките дизајни, воодушевувачките приказни исполнети со перипетии и уметноста која восхитува, се крие невидлива битка со која се соочуваат творците на овие дела: борбата да ја одржат својата ментална благосостојба среде притисокот на нивните занаети

Фото: Sergey Zolkin on Unsplash

Во светот на креативните професионалци, процесот на оживување на идеите често е спој на страста и упорноста – патување исполнето со триумфи и искушенија. Чинот на творење е проследен од инспирација и дисциплина, каде идеите се обликуваат преку алхемијата на фантазијата и вештините.

Културните и креативните индустрии вработуваат околу 8 милиони луѓе во ЕУ, со околу 1,2 милиони компании, од кои над 99,9 отсто се мали и средни претпријатија.

Сепак, зад хипнотизирачките дизајни, воодушевувачките приказни исполнети со перипетии и зад уметноста која восхитува, се крие невидлива битка со која се соочуваат творците на овие дела: борбата да ја одржат својата ментална благосостојба среде притисокот на нивните занаети.

За многу креативци, чинот на создавање е попречен од ментални и емоционални предизвици, а депресијата е еден од најголемите во креативната индустрија – нерегулираното работно време и нередовните исплати често резултираат со несигурност.

Менталните предизвици долго време се поврзуваат токму со креативното размислување и изразување, за што сведочат и бројни истражувања.

Творењето претставува внатрешна борба исто колку што е надворешен израз и е проследено со креативни блокади и немилосрден притисок да се создаде нешто ново и подобро.

Пиксели во движење: Уметноста на графичкиот и УХ/УИ дизајн

Маја Атанасоска е графичка и УХ/УИ дизајнерка и креаторка на содржини на социјалните мрежи, па нејзиното патување низ светот на дигиталниот дизајн е исто толку динамично како и пикселите што ги распоредува на екранот.

Родена е во Прилеп, но сега, на свои 27 години, живее во Скопје, каде креативната визија најчесто ја оживува од удобноста на нејзиното домашно студио, истакнувајќи се како хонорарец.

Од официјалните почетоци во 2017 година како студентка на Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ) во Скопје и од изработката на визуелни решенија за студентскиот парламент чиј член била, дизајнирањето ѝ станува страст, па денес е професионалец со остро око за УХ/УИ дизајн и креирање содржини.

Маја Атанасоска, графичка и УХ/УИ дизајнерка / фото: Мета.мк

Трансформативниот момент во нејзината кариера доаѓа неочекувано, среде турбуленциите при почетоците на ковид-пандемијата. Додека светот се повлекуваше во четири ѕида, Маја дополнително се поврзува со дигиталното платно.

„Како контент креатор започнувам непосредно во март кога почна пикот на ковид-пандемијата. Едноставно, ми беше интересно да почнам да создавам таков вид на содржини, при што, паралелно си се пронајдов во УХ/УИ дизајнот, но и во спојот со креирање содржини“, вели Маја, која на социјалните мрежи е позната и твори како „Перкалус Дизајн“ (@percalus.design).

Она што започнало поради глобалната здравствена криза, станува клучна точка во нејзиното професионално патување, па Маја се наоѓа на пресекот меѓу дизајнот и дигиталните содржини.

Нејзината експертиза денес се протега од дизајнирање интуитивни мобилни и веб апликации до подобрување на присуството на брендовите на социјалните медиуми. Без разлика дали дизајнира елегантен кориснички интерфејс или пак привлечни објави на Инстаграм, нејзината работа одразува хармоничен спој на техничка вештина и креативен талент.

Користи практичен и софистициран пакет на алатки, со „Фигма“ како примарна платформа за дизајнирање, но се потпира и на „Ноушн“ – дигитален работен простор кој ѝ помага да управува со задачите, роковите и креативните идеи.

Комуникацијата со клиентите е камен-темелник на нејзиниот творечки процес, но, според Маја, важно е и да се биде во тек со дизајнерските трендови, особено поради брзиот развој на технологијата и дигиталната естетика.

„Следењето на дизајн трендовите е клучно од аспект што мораме да бидеме релевантни со самата побарувачка на пазарот, бидејќи ако не се надоградуваме и приспособуваме на сè она што се случува и моментално е во тренд, ќе ја изгубиме насоката околу нашата креативност и конекцијата со побарувачката и очекувањата на самите клиенти“, вели Маја, појаснувајќи дека се труди да ги следи новитетите во нејзината област преку претплата на њузлетери и страници на социјалните мрежи посветени на графичкиот дизајн.

„Од еден аспект, да, треба да ги следите сите трендови, но од друг аспект треба да бидете уникатни со тоа што ќе го понудите на самиот пазар. Мора да бидете препознатливи по нешто, да се истакнете со нешто што е својствено за вас“, додава таа.

Hustle култура која прегорува

За професионалците како Маја, дигиталното платно не е само простор за иновации, туку и место каде демнат стресот и исцрпеноста.

Додека се истакнува во креативниот, но и напорен свет на УХ/УИ дизајнот, притисоците на ова брзорастечко поле често се протегаат надвор од екранот, допирајќи и до нејзината благосостојба.

Моментите на недостаток од инспирација, обемната работа и крајните рокови се дел од предизвиците со кои се соочила Маја при творењето.

„Најпрво ќе започнам со Импостер синдром – синдром каде што мислиш дека не си доволно добар и во прашање ги доведуваш твоите дизајнерски способности и вештини“, вели Маја.

Високите очекувања од себе и од нејзините клиенти, во комбинација со постојаната потреба да се остане конкурентен, често го предизвикувале ова себесомневање.

„Потоа сум се соочила со креативна блокада, кога не сме се нашле на иста фреквенција со самиот клиент, па сум имала и чести напади на ‘burnout’ [прегореност]. Порано, често земав повеќе проекти истовремено и работев 24/7, бидејќи бев навлезена со мајндсет на хасл-култура, но сфатив дека не ми прилега тоа темпо на работа и оти е многу штетно по моето ментално здравје. Немав енергија, ниту фокус – едноставно бев исцрпена“.

Границата меѓу професијата и приватноста

Препознавајќи ги знаците на исцрпеност и креативен блок, Маја научила да спроведува стратегии кои поттикнуваат продуктивност и ментална благосостојба.

„Порано, кога сум давала ден за да се одморам од сè што се случува околу мене, сум се чувствувала виновно бидејќи си давам простор и време само за себе. Бидејќи не правев ништо, се чувствував дека не сум продуктивна. Сепак, научив да ја ценам посветеноста на самата себе и да поставам баланс меѓу животот и работата“, раскажува Маја.

Одвојувањето време за себе и најблиските, но и моментите поминати во природа, сега се клучен дел од нејзината рутина.

„Допирот со природа ти дава повеќе слобода, повеќе простор за размислување“, сведочи Маја.

Одењето на село, вели дека ѝ нуди бегство од градскиот метеж и брзото темпо на живеење, обезбедувајќи ѝ свежа перспектива и нова енергија.

„Покрај тоа што внимавам на мојата ментална благосостојба, водам и дневник каде што си правам рефлексии за тоа зошто работите се случиле како што се случиле. Многу внимавам и на исхраната, како и физичкото здравје – се трудам секојдневно да сум активна со одење во теретана, возење велосипед или пак да пешачам барем 8.000 чекори дневно. Сфатив дека тоа што сум активна физички, влијае и на тоа како се чувствувам во однос на она што го работам“, вели Маја.

Поставувањето јасни граници е уште една суштинска работа, според неа.

„Не значи дека ако сум фриленсер, ќе сум достапна 24/7. На пример, недела е ден само за мене и моите најблиски, кога јас не отворам лаптоп и речиси не сум достапна на социјалните мрежи. Освен тоа, гледам да го избегнам процесот на постојано скролање на платформите, зашто се чувствувам изморено кога постојано гледам содржини и информации. Исто така, секој работен ден работам до 18 часот, по што времето повторно е само за мене. Сфатив дека е многу важно да си поставувате граници со себе, клиентите и самата работа“, вели Маја.

Младата УХ/УИ дизајнерка додава и оти е важно практикувањето хоби, од кое не треба да се имаат никакви очекувања, туку едноставно „да се ужива во самиот процес“.

„Без разлика дали е тоа читање книга, сликање на платно, готвење или можеби одгледување растенија – да биде процес каде што едноставно се ужива во тоа што се прави“, вели Маја.

Додава дека совет кој често го споделува со своите соработници е да не се споредуваат со туѓите работа и достигнувања.

„Кога се споредуваме со другите, често забораваме колку ние сме направиле лично за себе и до каде сме стигнале“, вели Маја.

„Многу е важно да си одвоиме време за себе, да си поставиме јасни граници со околината со клиентите и секогаш, пред да започнувате каков било проект, најважно е да видите дали се совпаѓате. Не би сакале само да земете проекти колку да имате некаков приход и да се исцрпувате психички, па тоа да влијае врз вашата ментална благосостојба. И, секако, не се откажувајте од себеси – патот кон творењето е долг, но прекрасен процес, и, на крајот од денот, секогаш ќе се исплати“, вели Маја.

Наративи на умот: Психолошките предизвици претворени во привлечна проза

Исто како што Маја се бори со предизвиците по менталното здравје во разновидниот свет на графичкиот дизајн, Јован Илиевски се соочува со слични битки во сложеноста на ткаењето наративи, каде притисокот при пишувањето приказни често го засенуваа неговото творење.

Јован е млад автор кој во своите дваесетти години зад себе има колекција од шест објавени романи.

Уште од мала возраст го плени пишаниот збор, а во раскажувањето наоѓа утеха и себеоткривање.

„Почнав да пишувам од најмала возраст, творам од кога знам за себе. Тоа ми бил единствен начин за да излезам од секојдневието и да се пронајдам некаде самиот себе“, вели Јован.

Неговото книжевно патување ги опфаќа и поезијата и прозата, иако долгите прозни дела се она што на крајот го освоило неговото срце. Во наративите, навлегува во животни приказни за кои, иако се вообичаени, вели дека ретко се зборува.

„Тоа се претежно психо-трилери, историска фикција, семејни драми. Од друга страна, не сакам да пишувам за љубов, едноставно не е мој фах“, раскажува Јован, додавајќи оти се фокусира на приказни преку кои ќе ги охрабри читателите на подлабоки размислувања за ликовите и заплетите во книгите.

Јован Илиевски, писател и психолог /фото: Мета.мк

Неговите приказни се огледало на настани од реалниот живот, сложено испреплетени со неговите сопствени искуства и перцепции.

„Порано ќе кажев само дека се реални приказни, реални случувања, пресликани од ваму и таму, меѓутоа, психолошки гледано, тоа се само мои проекции. Кога препрочитувам лик или случка од некое мое дело, во нив гледам доста делови од себеси и сфаќам дека секој лик што сум го направил е само моја проекција и проекција на мојата фрустрација или траума. Доста пати се случувало да препознаам своја сопствена траума, па дури и да ја излечам, низ некој мој лик“, вели Јован.

Освен писателствувањето, Јован е дипломиран психолог и работи како психотерапевт. Вели дека пишувањето книги и психотерапијата се вклопливи професии и е благодарен што може да ги живее двете истовремено.

„Во секоја моја книга има дел од она што сум го истражувал преку психологијата и како мое искуство и знаење. Најмногу психолошки поенти се доловени во книгите ‘Соба 610’ и во последната издадена ‘Татко ми, Босфор’. Таму се највпечатливи, би рекол, затоа што длабоко се навлегува во тоа како еден човек се справува со своите мисли и неговиот живот“, вели Јован.

За него, чинот на творење е длабоко испреплетен со социјалната динамика и личниот раст.

„Уметникот, пред сè, мислам дека е зависен од општествената динамика, па како тој функционира во секојдневието влијае на тоа како создава и твори“, вели Јован.

Смета дека слободата на творење е под влијание на начинот на кој уметникот ги канализира животните фрустрации во својата уметност.

„Ако се затвора сам во себе, тоа е проблем и блокада, но ако се отвори преку своите дела, тоа е ослободување на таа фрустрација“, вели Јован, опишувајќи ја деликатната рамнотежа помеѓу изразувањето и интернализацијата.

И покрај книжевниот успех, Јован наидува на предизвици во неговиот творечки процес, често обликувани од самите психолошки сложености што ги истражува во неговата работа.

Креативните блокови знаат да бидат особено застрашувачки, но ги надминува со психотерапија и одмор.

„Креативниот блок лично сум го надминувал со психотерапија со мојот терапевт, но и со одмор. Ако имам каква било блокада, тоа значи дека е време за одмор и време за себе, бидејќи ако продолжам да се обидувам да напишам нешто, само ќе расте сомнежот во тоа што го творам и дали воопшто ме бидува за тоа“, вели Јован.

Упорноста и јасното фокусирање на неговите цели му помагаат да ги надмине пречките и да се осигури дека неговата работа останува верна на уметничката намера.

„Упорноста е клучот“, вели младиот писател.

Зборувајќи за неговите улоги како писател и психотерапевт, Јован вели дека научил како да воспоставува граници за да го заштити своето ментално здравје.

„Покрај квалитетниот сон, многу е важно да не ги земаме туѓите процеси за нешто свое – без разлика дали станува збор за психотерапија, графички дизајн или друга работа со клиенти, тоа што клиентите го кажуваат или бараат од нас, не треба да дозволиме да ги помине и навлезе во нашите лични граници. Да, треба да се фокусираме на нивните потреби, но да не ги занемариме сопствените“, вели Јован.

Инспирацијата доаѓа од внатрешната хармонија

Менталната благосостојба кај креативните работници и оние кои творат, како Маја и Јован, зависи од многу фактори, а стресот и неизвесноста имаат клучна улога. Нестабилноста која доаѓа со професиите, брзите промени и потенцијалниот губиток на сигурност, имаат силно влијание врз креативниот процес и целокупната добросостојба. Ова го вели Тиана Ивановска, психолог и психотерапевт, основачка на советувалиштето „Себесложувалка“.

„Имајќи на ум дека процесот на инспирација се случува кога нашиот ум е во некаков мир и еквилибриум, сите овие нешта влијаат на чувството на вознемиреност, може да го нарушат целокупниот креативен процес кај уметникот, носејќи го во креативен застој“, вели Тиана.

И таа самата креира содржини за социјалните мрежи, па оттука се соочува со слични предизвици како и другите креативни работници – меѓу нив, и со притисокот нејзините дела  да бидат уникатни, нови и интересни за публиката.

„Мислам дека креативниот блок, во голема мера, се јавува поради самиот притисок да креираме нешто. Исто така, може да се појави и како последица на перфекционистички пристап кон она што го твориме и постојаното чувство дека нашите креации не се доволно добри“, додава таа.

Тиана Ивановска, психолог и психотерапевт / фото: лична архива

Една од работите што таа лично ги применува во насока на справување со предизвиците, е да не создава „под присила“.

„Ако денес немам идеја за содржина, едноставно не ја правам и го насочувам умот на нешто сосем друго. Ако ваквата блокада трае подолго, тогаш можеби се работи за хроничен стрес и потребно е да се фокусираме на комплетно релаксирање и опуштање на умот и душата. За мене ваков ефект има природата и активности од типот на кампинг, планинарење и слично“, вели Тиана.

„Одморот е прогрес, а не стагнација“

Значајно, вели таа, е и односот што уметниците и творците го имаат со себе и себеговорот.

„Јас често пати кога се чувствувам изгубено, знам да „се седнам себеси“ на разговор и да проверам што точно се моите потреби, желби, пречки и слично. Јас сум си на себе најдобрата другарка и се трудам да се третирам себе исто како што ги третирам моите најблиски пријатели“, вели психологот Ивановска.

Балансот е клучен за сè што правиме.

„Често пати мислиме дека ако работиме повеќе часови, тоа би резултирало со повеќе или подобри креации. Креативните идеи се како искри кои летаат низ нашиот ум и најчесто се раѓаат во моменти на искуства кои ни се случуваат. Токму во приватниот живот најчесто се случуваат овие искуства и затоа е важно да учиме дека паузата и одморот се прогрес, а не стагнација“, децидна е Тиана.

Според неа, одлучувачки фактор за креативните работници и уметниците се системите за поддршка – пријателите, семејството, но и компаниите и организациите.

„Ние сè уште живееме во време во кое задржуваме пријателства поради изминатите години, иако можеби веќе тие пријатели не ни носат среќа, поддршка и разбирање. Во компаниите, пак, е особено значајно да се работи на организациската култура, бидејќи таа во голема мера ја диктира атмосферата на работните места“, вели Тиана.

За справување со предизвиците за менталното здравје со кои се соочуваат креативните работници, психологот Ивановска предлага компаниите и организациите да размислат да понудат психотерапевти за поддршка во нивните заедници.

„Супер концепт е да се најмат психотерапевти кои ќе работат со персоналот и во заедницата, со цел коригирање на ефектите од оваа природа“, вели таа.

И покрај предизвиците, Маја и Јован остануваат посветени на негување на нивното ментално здравје, а нивните приказни се потсетник за тоа дека креативниот процес не подразбира само резултат, туку и интроспекција и самооткривање. Креативноста не е само производ на талентот, туку и патување на личниот раст, кое бара негување на уметничките вештини, но и на внатрешната хармонија.

Со ставањето на грижата за себе како приоритет, охрабрувањето и воспоставувањето на системи за поддршка, но, пред сè, признавањето на важноста на менталната благосостојба, креативците можат поефикасно да се справат со предизвиците и да продолжат со одржливо уметничко и себеизразување.

 

Изработката на оваа приказна е поддржана од Фондацијата Томсон како дел од проектот Култура и креативност за Западен Балкан (CC4WBs). Оваа приказна е создадена со финансиска поддршка на Европската Унија. Нејзината содржина е единствена одговорност на авторот и не мора да ги одразува ставовите на Европската унија.