Матка 20 години чека заштита, законот е готов, но заглави во Собранието

Откако десетина години се работеше на документацијата за едно од највредните природни богатства во земјава, минатата година во февруари Владата конечно го усвои Предлог законот и го испрати во Собранието. Матка очигледно не доби приоритет во стариот парламентарен состав, па останува да се чека новите пратеници да се заинтересираат за оваа тема

Фото: Мета.мк

Матка никако да ја добие заштитата која и е неопходна и по две децении откако заштитените подрачја мораа да бидат репрогласени според обврските од законот за природа донесен во 2004 година. Законот за прогласување на кањонот за заштитено подрачје во категоријата III – споменик на природата, повеќе од една година чека да се најде на дневен ред пред пратениците во Собранието.

Откако десетина години се работеше на документацијата за едно од највредните природни богатства во земјава, минатата година во февруари Владата конечно го усвои Предлог законот и го испрати во Собранието. Матка очигледно не доби приоритет во стариот парламентарен состав, па останува да се чека новите пратеници да се заинтересираат за оваа тема.

Од Министерството за животна средина велат дека немаат информации до каде е постапката во Собранието, но посочуваат дека треба да се земе предвид дека ова е нов состав во кој во тек е конституирањето на комисиите.

Во изминатата година, додека стои во собраниските фиоки, предлог-законот за прогласување на Кањон Матка за заштитено подрачје поминал прво читање во две комисии. Бил разгледан од Комисијата за транспорт, врски и екологија и Законодавно правната комисија во март годинава, а двете комисии констатирале дека законот е прифатлив и дека треба да се даде на понатамошно читање.

Според текстот на законот, Матка ќе треба да добие зачувување на природната состојба на локалитетот, спречување на нарушување на живеалиштата и екосистемите, зачувување и унапредување на биолошката и пределската разновидност, одржливо користење на природните ресурси на начин на којшто не се загрозува опстанокот на живеалиштата и видовите, како и назначување на субјект за управување кој ќе се грижи за заштитеното подрачје и ќе изработува стратешки документи за заштита и одржливо управување со природното наследство.

Се очекува со вистинската заштита на Матка да се обезбеди и прогрес во исполнување на целите и акциите од Националните стратегии за заштита на природата и за биолошка разновидност и во обврските од ЕУ директивите и Конвенциите, но и да се создаде основа за развој на еколошки туризам и примена на коцептот на екосистемски услуги.

Законот предвидува во рок од една година откако ќе биде усвоен да се донесе План за управување, а во рок од три месеци и Годишната програма за заштита на природата. Управувањето им е доделено на Градот Скопје, Општината Сарај и Јасен.

Матка со законот е поделена на неколку зони, зона за строга заштита, за активно управување, за одржливо користење и заштитен појас. Зоната на строга заштита опфаќа речиси 39 отсто од подрачјето во кое спаѓаат четири поголеми области: Козјак, Добрашија, Матка – Врело и Плоча. Во овој дел е забрането спроведување на активности со коишто се загрозува изворноста на природата и нарушувањето на природната рамнотежа, заради што Градот Скопје и Општина Сарај се должни да обезбедат постојан мониторинг. Во зоната за строга заштита дозволени се научно-истражувачки активности, доколку тие не се во спротивност со примарните цели на заштита на подрачјето.

Локалитетот Кањон Матка како споменик на природата е прогласен од Градот Скопје уште во 1994 година заради извонредните, геолошки, геоморфоролшки, хидролошки, флористички и фаунистички карактеристики. Со донесување на Законот за заштита на природата во 2004 година Министерството за животна средина и просторно  планирање доби оврска да изврши ревалоризација на заштитените подрачја, заштитени пред донесувањето на овој закон и да изготви нови акти за прогласување во согласност новиот закон. Во 2010 година изработена е Студија за ревалоризација на природните вредности на заштитеното подрачје споменик на природата „Кањон Матка“, на која и беше направена ревизија во 2020 година заради насогласувања околу надворешните граници, како и заради пеглање на разликите меѓи трите субјекти кои ќе управуваат со подрачјето. Министерството во 2022 година го изработи Нацрт, а потоа и Предлог законот, кој во февруари 2023 беше одобрен од Владата и испратен во Собранието на усвојуавње.

Во двете децении во кои Матка нема никаква заштита, природните реткости се затрупаа со диви платформи и отпад, а се узурпираше и водата и брегот на езерото и се возат моторни чамци, иако тоа е строго забрането.