Макрон бара трпение за датумот, направените реформи не биле доволни

Францускиот претседател Емануел Макрон смета дека Македонија и Албанија треба уште малку да се стрпат пред да добијат одобрение за почеток на преговори со ЕУ. На заедничката прес – конференција со германската канцеларка Ангела Меркел по состанокот на двете влади во Тулуз, Макрон рече дека двете земји направиле значителен напредок во домашните реформи, но тоа, засега, не е доволно.

– Ја споделувам истата геополитичка и стратешка визија со германската канцеларка. Сакам да испратам позитивен сигнал до овие лидери, но сериозно погледнато сега јас морам да им порачам: овојпат нам ни е потребно малку повеќе време за да ги средиме работите – рече Макрон.

Меркел изрази надеж дека двете земји сепак ќе ги усогласат ставовите до Самитот.

Премиерот Зоран Заев на прес-конференцијата со еврокомесарот Јоханес Хан рече дека добронамерно предупредува дека ако не се испорача очекувана заслужена позитивна одлука за преговори, кредибилитетот на ЕУ и довербата на нашите граѓани може да бидат ставени под знак прашање.

-Тоа ќе ги засили регресивните сили во земјата и интересот на трети страни во регионот. Затоа лидери на ЕУ не ги гаснете светлечките ѕвезди кон кои се стремиме, немојте да станувате наша пречка, бидете нашите херои – порача Заев.

Тој упати порака и до граѓаните во земјава, псоочувајќи оти постигнатите реформи и промените кои се направени никој не може да ги одземе и оти од оваа неизвесност ќе излеземе посилни и поискусни.

– Стануваме членка на НАТО, што беше наша стратешка цел од независноста до денес. Тоа не носи неповратно напред, стабилни и безбедни во сојуз со најмоќните. Во исто време ќе продолжиме да бидеме пример и мотивација за позитивна промена во регионот. Јасно е дека Балканот се промени и дека станува извор на стабилност. ЕУ добро го знае тоа и мора да прифати дека и Балканот е европски. Остануваме посветени и со работа докажуваме каде ни е местото. Тоа е добро за нас, за регионот и за самите ЕУ – додаде Заев.