„Макпетрол“: Подготвени сме да ја потпишеме спогодбата со што ќе се реши прашањето со „ГА-МА“

Фото: НЕР АД Скопје (http://mer.com.mk)

„Макпетрол“ АД Скопје ги донесе сите соодветни одлуки и е подготвен да пристапи кон потпишување на спогодбата со што ќе се реши прашањето со ГА-МА, се вели во одговорот на компанијата во врска со текстот на „Мета.мк“, под наслов „Недовршениот договор помеѓу Владата и Макпетрол за „ГА-МА“ може да предизвика проблеми во гасификацијата“.

Од компанијата додаваат дека со тоа во целост ќе постапат согласно законот и препораките од Третиот енергетски пакет.

„Тој став останува и денес, „Макпетрол“ АД Скопје ги има преземено сите дејствија и акции кои се неопходни за потпишување на договорот за медијација, а зошто Владата не пристапила кон потпишувањето, не можеме да Ви одговориме, за тоа треба да ја прашате Владата,“ велат од „Макпетрол“.

Иако Владата уште на 19 декември ја усвои Одлуката за одобрување на средства од буџетот за 2019 година за купување на делот на „ГА-МА“ АД Скопје, законската обврска за раздвојување на дејностите, и преземањето на акциите, уште не е реализирана, бидејќи сè уште не е финализиран договорот помеѓу Владата и „Макпетрол“, кој треба да го продаде својот дел.

Тоа, според првиот човек на Национални енергетски ресурси, Бајрам Реџепи, може да го закочи процесот на гасификација.