Македонија ќе биде вклучена во глобалното истражување на СЗО за намалување на последиците од Ковид-19 по економијата

Претседателката на Сојузот на стопански комори на Македонија, Данела Арсовска, денес информираше дека во соработка со Џон Дентон, генералниот секретар на Интернационалната стопанска комора, заеднички го отпочнаа проектот за глобално истражување со Светската здравствена организација СЗО, за предизвиците од Ковид-19 со кои се соочува приватниот сектор.

„Во координиран напор за справување со Ковид-19, соработуваме на глобален проект со Интернационалната стопанска комора и Светската здравствена организација. Целта е да се развијат решенија за намалување на последиците од глобалната пандемија, да се развие сеопфатен одбранбен систем од повеќе аспекти за тоа како да се справи општеството на здравствен и на економски план со оваа состојба, но и со идни слични предизвици,“ истакна Арсовска.

До овој момент заедно со нас, се вклучиле 94 држави, со најактивен придонес во истражувањето од САД, Канада, Мексико, Австралија, Португалија, Италија, Ирска и Шведска.

„Ќе се заложиме активно македонските, но и компаниите од регионот да дадат свој придонес во реализација на овој проект, за да се добие реална слика за состојбата во приватниот сектор, со цел да се развијат потребните и вистинските насоки за справување со кризата,“ додаде таа.

Генералниот директор на Светската здравствена организација, Тедрос Аданом Гебрејесус истакна дека овој проект ќе овозможи да се согледа моменталниот тек на деловните активности.

 „Овие информации ќе ни помогнат да ги мапираме најдобрите практики и подобро да разбереме каде ние и националните здравствени власти треба да го насочиме нашето внимание. Информациите генерирани од истражувањето ќе ни помогнат да реализираме ефективен одговор, спасувајќи животи и минимизирајќи ги економските штети “, изјави Аданом Гебрејесус.

Генералниот секретар на Интернационалната стопанска комора, Џон Дентон која има национални канцеларии во над 100 држави во светот и е институционален претставник на над 45 милиони компании на глобално ниво, повика за што помасовно доставување на податоци за изнаоѓање поквалитетни решенија сега и во иднина.

„Затоа ги повикуваме сите учесници во приватниот сектор да ги споделат информациите за влијанието на пандемијата врз нивното секојдневно работење, ланците на снабдување и предизвиците со кои се соочуваат на пазарот на труд. Ова истражување, ќе даде информации, како би можеле да делуваме за заштита, но и превенција од сегашната како и од идна штета предизвикана од ширење на пандемија на глобално ниво,” истакна Дентон.

Конечните резултати, Сојузот на стопански комори и Интернационалната стопанска комора ќе ги објават по завршување на истражувањето следниот месец, по што ќе следи анализа со решенија за механизми за закрепнување, но и за креирање на одбранбен механизам за идно навремено справување со слични здравствени кризи.