Љубов во дигитално време – апликациите за запознавање партнери сè повеќе популарни кај младите

Фото: Alexander Sinn на Unsplash

Наместо пристапување во живо и започнување разговор, потрагата по љубов сега се одвива и со повлекување на телефонскиот екран налево или надесно, благодарение на апликациите за состанување. Одлуката за тоа дали некое лице присутно на апликацијата ќе му се допадне, корисникот на ваквите апликации ја носи само со гледање на фотографии од другиот корисник и неговите интереси, како и со читање на краткиот опис.

Во текот на изминатите 16 месеци, препораките за социјално дистанцирање дополнително го поттикнаа комуницирањето онлајн, па и потрагата по интимност стана дигитална. Користењето на апликации за состанување стана многу честа алатка во потрагата на поединците по љубов и романса. Воспоставувањето на врски благодарение на алгоритмите сега е дел од секојдневниот живот на самците низ целиот свет.

Минатиот месец „Гугл“ соопшти дека пребарувањето на начини за состанување со партнери во САД достигнало рекордно ниво во последните пет години. Пребарувањето на фразата „најдобри апликации за состаноци 2021“ (top dating apps 2021) изминатиот месец се зголемило за дури 3.400 отсто.

„Тиндер“ и „Гриндр“ најпопуларни во земјава

Секој четврт млад човек во Македонија некогаш користел апликации за запознавање на партнери, покажа кратката анкета која „Мета.мк“ ја спроведе на Инстаграм. Помеѓу најчесто користените апликации во земјава се апликациите „Тиндер“ и „Баду“ кај хетеросексуалните лица, додека кај ЛГБТИ лицата најкористена е апликацијата „Гриндр“. Овие апликации на корисниците им прикажуваат профили од лица кои локациски се блиску до нив и истовремено бараат партнери.

Секое шесто младо лице, пак, користело некоја од овие апликации во изминативе шеснаесет месеци, откако во март минатата година беше прогласена пандемијата на ковид-19. Сепак, само 15 проценти од оние што користат вакви апликации рекле дека излегле на состанок во живо со партнерот кој го запознале на апликацијата. Во другите 85 проценти од случаите, комуникацијата останала само дигитална, без средба.

Уште поголем е бројот на оние лица кои во потрага по партнери се пуштаат преку социјалните мрежи Инстаграм и Фејсбук. Ова, впрочем, е најчестиот начин на кој припадниците на „Генерација Зет“ им пристапуваат на лицата кои им се допаѓаат.

Младите кои одговорија на кратката анкета споделија различни искуства со апликациите. Дел од нив велат дека актуелните партнери, па дури и сопружници, ги запознале токму преку апликации како „Тиндер“.

Сепак, неретки се и непријатностите кои корисниците ги доживуваат при виртуелната потрага по партнери. Голем дел од младите забележале лица кои лажат за својот идентитет и се претставуваат како да се некој друг, праќаат лажни фотографии, но и злоупотребуваат фотографии на трети лица.

„Користев Тиндер, имаше многу фејк ликови. Ја симнав од досада, не со цел да запознаам некого и на крај запознав комшија од мојата зграда. Преголема случајност, беше интересно. На ист спрат сме живееле, а не се знаевме. После ова ја избришав. Не им верувам на вакви апликации, секој може да се претстави како некој друг“ ;

„Комуницирав со еден дечко, не ни одеше муабетот, па му кажав дека не сум заинтересирана за средба. Тој упорно ми пишуваше на апликацијата, но јас повеќе не враќав на пораките таму. За два дена успеал да ме најде и на социјалните мрежи, ми пишуваше од различни профили и ме убедуваше да се сретнеме во живо. Еднаш дури и го видов како вози по мојата улица и гледа кон мојот двор“ ;

„Ми праќаше наводно нејзини слики и на крај на средбата се појави сосема друга личност. Всушност направила профил со идентитетот на другарка ѝ и се претставувала во нејзино име, праќала нејзини слики“,

се дел од одговорите на младите во Македонија кои користат апликации за состаноци.

Фото: Mika Baumeister на Unsplash

Пронаоѓањето партнер не е математика

Професорката Орхидеја Шурбановска која предава на Институтот за психологија при Филозофскиот факултет во Скопје смета дека не изненадува тоа што младите, како и многу други сегменти од нивните животи, и потрагата по љубов и партнери ја префрлиле онлајн. Според неа, младите овој начин го гледаат како поедноставен, затоа што наместо тие самите да бараат соодветен партнер, алгоритмите на апликациите делумно ја вршат таа работа и можат да им помогнат и да им предложат потенцијални партнери за состанување.

„Со напредокот на технологијата, сведоци сме на тоа дека младите многу активности кои ги правеле физички, или барем постарата генерација ги правела физички, сега ги извршуваат онлајн. Онлајн купување, онлајн разговарање, онлајн музика и друго. Така и запознавањето на дечко или девојка често го практикуваат онлајн. Така, тој чин на потрага по партнер се поедноставува, а и го сметаат за посигурен затоа што самата програма ќе пронајде партнер кој им одговара според личните карактеристики, интереси и слично“, вели проф. д-р Шурбановска.

Но, пронаоѓањето партнер не е математика, вели професорката.

„Средбата, запознавањето и понатамошното дружење се важни елементи на самата врска. И тој начин е најдобар, како природното раѓање, бидејќи е природен, случаен и беневолентен. Ако гледаме практично сите овие елементи ги има и во онлајн запознавањето, но сепак она првична емоција – растреперувањето, и првиот впечаток во физичкото запознавање е незаменливо“, истакнува Шурбановска.

Лажни идентитети и фотографии

Злоупотребите кои се случуваат на апликациите за запознавање на партнери можат да се поврзат со случувањата со групата на Телеграм „Јавна соба“. И на овие апликации, како и во „Јавна соба“, се разменуваат разголени фотографии кои потоа одредени корисници ги злоупотребуваат поради одмазда на поранешни партнери или со намера да наштетат некому. Професорката Шурбановска вели дека ваквите искуства за одредени корисници можат да бидат кобни по нивното ментално здравје.

„Доколку се случи злоупотреба, тоа може да придонесе кон влошувањње на менталното здравје на злоупотребениот корисник и да придонесе до анксиозност, страв, срам, депресија, па дури и фобија“, смета професорката Шурбановска.

Студија спроведена со 18.000 луѓе во 27 земји во светот од страна на компанијата за сајбер-безбедност, „Касперски“ покажала колку апликациите за состанување се вкоренети во современиот свет и како истите го трансформираат начинот на кој луѓето ја пронаоѓаат љубовта. Студијата забележува неколку трендови во ерата на алгоритамското состанување, вклучувајќи пад на моногамијата и пораст на ефемерните врски.

Од друга страна, ова може да придонесе и до поголемо разочарување кај лицата кои бараат партнери во дигиталниот свет.

„Кога веќе едниот партнер, најчесто девојката, ќе сфати дека „удварачот“ не е слободен, односно има веќе врска – долга врска или е во брак, може да се развијат чувства па да биде комплицирано или разочарувачки, во најмала рака. Мислам дека тоа им е веќе познато на многу млади“, вели Шурбановска.

Емоциите се поискрени кога контактот е физички

Студијата на „Касперски“ вели дека за 44 проценти од луѓето, користењето на ваквите апликации било единствен начин за тие да излезат на состанок со некого. 64 проценти од оние кои биле опфатени во студијата, рекле дека алгоритмите ги разбирале нивните интереси и дека се задоволни со предложените партнери од апликациите.

Сепак, Шурбановска смета дека социјалниот живот на луѓето нема да се сведе единствено на онлајн општење. Таа вели дека желбата за социјализација е заедничка за сите луѓе, што го потврди и пандемијата, кога беа забранети поголеми собири, а луѓето поголемиот дел од времето го поминуваа затворени во четири ѕидови.

„Физичкото дружење, контакти, разговорот во живо, емоциите, движењата на телото, невербалниот говор и друго, не можат да се доживеат онлајн. Впрочем за тоа не увери и периодот на пандемијата каде комуникацијата се сведе само на екран. Луѓето едвај чекаат да се видат и да се прегрнат, со убав муабет, што се вели очи во очи. Едноставно емоциите се различни, поинтимни, поискрени, кога контактот е физички. Можеби ќе кажете дека припаѓам на постарата генерација која не е баш воодушевена од дигиталната ера, но сепак мислам дека има нешто заедничко во психологијата на сите луѓе, и постари и помлади, а тоа е желбата за социјализација која е најдобра кога ќе се сретнеме со пријател и ќе си поразговараме во живо“, вели Шурбановска.

Сепак, потрагата по интимност не е единствената причина поради која луѓето користеле апликации како „Тиндер“ и „Гриндр“. „Касперски“ во својата студија наведува дека 48 проценти од луѓето рекле дека ги користат апликациите за запознавање и дружење со нови луѓе, а 33 проценти рекле дека сакале да стекнат нови пријатели. Изненадувачки, 8 проценти од луѓето во светот ги користеле апликациите за состанување за да пронајдат работа, а поголемиот дел од нив рекле и дека ја исполниле таа цел.