Линхарт: Се надеваме дека преговорите со Македонија и Албанија ќе почнат во декември

Фото: МНР на РСМ

Австрискиот сојузен министер за европски и меѓународни работи, Михаел Линхарт, денеска во Скопје, по средбата со македонскиот министер за надворешни работи Бујар Османи, порача дека Австрија ја поддржува европската перспектива на земјите од Западен Балкан и поддржува итен почеток на преговорите за членство на Северна Македонија со ЕУ во декември.

„Тоа е прозорец на можности и за Албанија и за Македонија, и за ЕУ и партнерите. Се надеваме дека стартот на преговорите ќе биде означен во декември“, порача тој на прес-конференцијата со Османи.

Линхарт смета дека мора да се отвори европската перспектива за Западен Балкан и клучен дел од тоа би било почеток на преговори за членство со Македонија и Албанија.

Османи посочи дека таквата постапка ќе ги одблокира работите и ќе ги охрабри другите земји во Западен Балкан да ги решаваат отворените билатерални прашања.

„Во Република Северна Македонија и во нашето европско досие лежи клучот за деблокирање на целиот регион бидејќи по редот на нештата оттука треба да отпочне деблокадата, преку почеток на пристапни преговори со Северна Македонија и Албанија. Ова ќе ги охрабри и другите држави од регионот, да ги затворат отворените прашања, а со интенција целиот регион да се движи во европски правец“, истакна Османи.

Линхарт е придружуван од економска делегација. За време на посетата беше одржан и бизнис настан со цел натамошно унапредување на трговската соработка и искористување на инвестициските можности и презентација на програмата „Re Focus Austria“, која има за цел промоција на австриските компании во повеќе области, особено во областа на обновлива енергија, дигитална економија и инфраструктура.