Фото: Принтскрин од видео обраќање на Лечиќ објавено на Јутјуб

Српскиот актер, опозициски политичар, поранешен министер и член на Демократската партија Бранислав Лечиќ соопшти дека се повлекува од лидерската функција во движењето „Демократи на Србија” поради обвинувањата на актерката Данијела Штајнфелд која пред неколку дена изјави дека Лечиќ ја силувал.

„Со цел оваа моја борба за вистина да не им наштети на сите оние со кои учествувам во борбата против овој злобен режим, се повлекувам од раководството на движењето „Демократите на Србија”. Ова е моја лична борба за одбрана на мојот интегритет, име и професионална репутација и не сакам да ги оптоварувам сите оние кои се искрени борци за нормална, слободна и демократска Србија“, напиша Лечиќ на Фејсбук.

Во меѓувреме, Лечиќ објави видео во кое и се обраќа на јавноста и на Штајнфелд, од која побара да му прости, но и да ја каже целосната вистина.

Тој вчера исто така информираше дека добил покана денес да сведочи во Вишото јавно обвинителство во Белград за обвинувањата од Штајнфелд дека ја силувал на 7 мај 2012 година.

Претходно, Драмски театар од Белград соопшти дека, на барање на поголем дел од ансамблот на претставата „Кога цветаа тиквите”, актерот Лечиќ е исклучен од претстојните претстави поради сегашната состојба.

Актерката Данијела Штајнфелд го обвини за силување српскиот политичар и актер Бранислав Лечиќ, а како што напиша на Твитер, информациите за настанот ги доставила во Вишото јавно обвинителство во Белград.

По тврдењето на Штајнфелд, се огласи и новинарката Христина Стоиљковиќ која ги сподели пораките кои ги добивала од Лечиќ непосредно по нивното запознавање за време на емисијата „Една минута до 12“.