ЛДП и ДОМ ќе бараат законски измени за регулирање на „копањето“ криптовалути

Криптовалути
фото: WorldSpectrum на Pixabay

Коалициските партнери Либерално демократска партија (ЛДП) и Демократска обнова на Македонија (ДОМ) соопштија дека, имајќи ја предвид енергетската криза и последиците врз животната средина, преку своите пратеници во парламентот ќе побараат законски измени кои се однесуваат на „копањето“ криптовалути.

„Во време на енергетска криза недозволиво е да се троши струја за производство на криптовалути за лично богатење на поединци. Бидејќи криптовалутите се прогласени за неприфатливи за животната средина, пратениците дополнително ќе бараат и законска регулација бидејќи употребата на струја од фосилни горива како што е случајот во моментот ја загадува животната средина“, велат коалициските партнери ЛДП и ДОМ.

Од таму додаваат дека ќе ја консултираат стручната фела и најдоцна за една недела ќе побараат регулација и ќе достават законски измени.

Порталб веќе пишуваше дека во период кога Северна Македонија и светот се соочуваат со енергетска криза, во земјава незаконски, со кражба на струја, се копаат криптовалути.