fbpx

Порталб: Во состојба на енергетска криза, се краде струја за копање криптовалути [инфографик]

-

Додека Северна Македонија, како и остатокот од светот, се соочува со енергетска криза, односно е во кризна состојба со снабдување на електрична енергија, во земјата незаконски со кражба на струја се копаат криптовалути. Несовесни граѓани, незаконски приклучуваат машини за копање криптовалути кои трошат многу струја и со тоа ја влошуваат кризната ситуација со снабдувањето електрична енергија.

Според статистичките податоци што ги обезбедивме, Биткоинот ширум светот троши околу 120 терават-часови електрична енергија годишно, или околу 20 пати повеќе отколку што троши Северна Македонија, пишува Порталб.мк.

Биткоинот влезе на пазарот во 2009 година и оттогаш предизвикува контроверзии околу големата потрошувачка на електрична енергија. Тоа е валута што се разликува од еврото, доларот или денарот, бидејќи е целосно виртуелна, но сепак со него може да се купат стоки или услуги преку интернет. Покрај Биткоинот, постојат и други видови валути како што се Етериум, Литекоин, Доџкоин итн. Вредноста на 1 Биткоин, според Coinmarketcap, моментално е 60.500 долари.

Употребата на Биткоинот, или други криптовалути во РСМ не е забранета со закон, но ниту е прифатена од државата, така што со Биткоин во земјава не може да се платат сметки, ниту да се вршат финансиски трансфери. Сепак, криптовалутите се продаваат, а неформално лесно може да се најдат преку огласи на интернет, каде што може да се купат и машини за копање. Цените на машините се движат од 2.000 до 3.000 евра за една машина. Нови машини може да се купат на интернет од странство, истите чинат во просек 5-6.000 евра.

Проблемот со Биткоинот или другите криптовалути не е во неговата употреба, туку во нивното создавање, односно копање. За копање криптовалути, или Биткоини, се користат многу моќни компјутери кои трошат големи количества електрична енергија и „копачите“ нелегално се приклучуваат на електричната мрежа и на тој начин ја крадат струјата.

Според пресметки издадени претходно од властите, машините за копање криптовалути трошат 20 до 30 пати повеќе од едно домаќинство.

„Овој бизнис мора да го регулираат финансиските институции во државата. Да беше регулирано, тогаш тарифата ќе ја регулираше Регулаторната комисија за енергетика, бидејќи не се работи за домаќинства. Не знаеме како оваа појава е регулирана во другите држави. Но, ние искрено не веруваме дека ископувањето Биткоини се врши со незаконско користење на електрична енергија“, велат за Порталб.мк од ЕВН.

Некои веб-страници што продаваат софтвер за ископување криптовалути имаат калкулатори за пресметување на потрошувачката на енергија и придобивките од машината за копање.

На „ASIC MinerValue“ пресметавме колку чини машина за копање од типот „AvalonMiner 1166 Pro“. Пресметано во евра, според цената за 1 киловат час струја во РСМ, оваа машина може да троши струја месечно околу 250 евра.

Врз основа на податоците што ги обезбедил Универзитетот Кембриџ од американските државни власти, машинеријата за Биткоин во 2019 година потрошила 119,7 теравати, или повеќе отколку што трошат многу држави за своите потреби. Во споредба со Северна Македонија, Биткоинот потрошил околу 20 пати повеќе оваа година.

Според Универзитетот Кембриџ, количината на потрошена електрична енергија за производство на Биткоин би била доволна за да ги задоволи сите потреби на нивниот универзитет 874 години. Исто така, може да ги задоволи потребите за загревање на водата на сите чајници во ВБ за 27 години.

Њујорк Тајмс, обезбеди неколку интересни факти, во споредба со електричната енергија што Биткоин ја троши. Според нив, Биткоин троши повеќе од 1/3 од клима уредите за ладење на домовите во САД и седум пати повеќе од сите глобални операции на Google.

Колку струја се краде и троши во Северна Македонија?

Кражба на струја според Кривичниот законик на РСМ се казнува парично и со затвор до 3 години. Во текот на 2021 година откриени се 3 кривични дела (4 сторители) кражба на електрична енергија, кои приклучиле компјутерски уреди на електричната мрежа со цел да копаат криптовалути – Биткоин и Етереум.

Сепак, крадците на струја за деловни цели, односно во овој случај за копање криптовалути, користат други методи за да не бидат фатени од властите. Вообичаено, тие не ги поврзуваат рудниците од нивните домови, туку од други места кои потешко се идентификуваат, како на пример, напуштени куќи, мрежа за јавно осветлување и други места.

„Често има пријави од самите потрошувачи кои бараат целосно исклучување на одредени објекти од нисконапонските мрежи, бидејќи им го загрозуваат снабдувањето со електрична енергија. Вакви пријави кај самите потрошувачи се забележани на социјалните мрежи каде се забележани поединци, а се бара интервенција од надлежните служби да ги проверат и отстранат компјутерите кои вршат ископувања и кои ја оштетуваат дистрибутивната мрежа. Имаме извештаи дека копачите на Биткоини ги поставуваат своите компјутери во напуштени селски куќи каде што мислат дека ќе биде потешко да бидат откриени и нема да ја нарушат стабилноста на снабдувањето“, велат од ЕВН.

Во вторникот во медиумите беше објавено дека постои сомнеж дека во подрумскиот дел на скопскиот Градски трговски центар има фарма за копање на криптовалути. Но, по увидот на лице место, МВР ја демантираше информацијата. И во минатото имаше извештаи во медиумите за фаќање на „копачи“ на криптовалути.

Претходно, претседателот на Регулаторната комисија за енергетика Марко Бислимовски потврди дека во земјава незаконски се копаат криптовалути, значи се краде струја за да се заработат криптовалути.

„Точно е, имаме зголемување на потрошувачката на електрична енергија, особено во некои делови на Скопје, а таму покрај покачувањето имаме и диво снабдување со електрична енергија. Според информациите што ги имаме од компанијата што дистрибуира струја, веќе фатила поголем број корисници од домаќинствата кои копаат Биткоини и најчесто нелегално се приклучуваат на јавното осветлување“, рече Бислимовски.

Од ЕВН велат дека според енергетските дозволи, домаќинствата се ограничени во потрошувачка од 11 kW. Незаконското користење на електрична енергија може да предизвика преоптоварување на трафостаниците што резултира со сериозни оштетувања, па дури и согорување на самите трансформатори, а санирањето на ваквите оштетувања од финансиски аспект чини десетици илјади евра.

„Факт е дека особено во скопскиот регион е зголемено копањето на криптовалути. Најчесто, мрежата не е дизајнирана за новосоздадената потрошувачка на енергија за време на копањето криптовалути и поединци нелегално се поврзуваат на мрежата за да ја избегнат високата цена на нивниот нов бизнис. Последиците од незаконското користење струја за копање криптовалути се големи и штетни и за компанијата и за потрошувачите на кои им е нарушено нормалното снабдување“, велат за Порталб.мк од ЕВН.

Порталб.мк обезбеди податоци од МЕПСО за тоа колку Северна Македонија потрошила струја во текот на 2020 година и колку од неа се изгубила во дистрибутивната мрежа.

Според Ценовникот на РКЕ, 1 kWh од тарифата „ЕДНОТАРИФНО домаќинство“, чини 5,36 денари. Според ова, во дистрибутивната мрежа изгубиле 695.473.612 денари или над 11 милиони евра.

Порталб.мк креираше инфографик со податоци од Управата за енергетски информации на САД за тоа колку електрична енергија се троши годишно во Северна Македонија.

Како што може да се види, Северна Македонија во последните 10 години во просек троши 6 терават-часови електрична енергија годишно.

Инаку, на 9 ноември Владата на Северна Македонија објави кризна состојба за снабдување со електрична енергија во период од 30 дена.

Порталб.мк претходно напиша дека властите на Северна Македонија ветуваат дека до крајот на оваа година нема да има поскапување на струјата, но по 1 јануари не се знае што ќе биде, иако ветуваат дека ќе помогнат да се надмине кризата која е глобална. Експертите, пак, оценија дека енергетската криза само што почнала да се чувствува, а за влошување на состојбата може да придонесат ниските зимски температури кога се зголемува побарувачката на струја за затоплување на домаќинствата.

Поради енергетската криза мерки почнаа да преземаат и европските земји. Шпанија усвои итни мерки за намалување на сметките за енергија, Грција ќе обезбеди субвенции за повеќето домаќинства до крајот на годината, за да ги направи трошоците за струја поподносливи, Италија може да го ревидира начинот на пресметување на сметките за струја, во Германија, цените на енергијата станаа тема на дебата во пресрет на изборите на 26 септември, додека Велика Британија постави лимит за тарифите за енергија веќе користени уште во 2019 година.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Откриен еден од осомничените за тешка кражба на сеф во Скопје

Основното јавно обвинителство Скопје поведе постапка против 23-годишник, осомничен за кражба на сеф во Црниче. Ноќта меѓу 31 март и 1 април, осомничениот заедно со уште три лица, провалиле во...