Курц: Грција не е повикана затоа што не сака да го сопре бегалскиот бран

Шефот на австриската дипломатија, Себастијан Курц денеска изјави дека Грција не е повикана на состанокот за мигрантската криза во Виена, затоа што не покажала спремност за намалување на протокот на мигрантите.

– Грција јасно покажа дека не е заинтересирана за намалување на приливот на мигранти, туку напротив сака да продолжи да ги пропушта кон Македонија – рече Курц во пресрет на денешниот состанок во Виена.

На состанокот се повикани Бугарија, Словенија, Хрватска и западнобалканската шесторка која ги опфаќа Албанија, БиХ, Црна Гора, Косово, Македонија и Србија.

Австриското МНР, кој е домаќин на состанокот, соопшти дека конференцијата се одржува во „регуларен формат“, кој не ја вклучува Грција.

Официјална Атина во вторникот вложи протесна нота поради тоа што е повикана на состанокот, оценувајќи дека тоа е „непријателски потег на Виена“.