Камала Харис обезбеди поддршка за кандидат за претседател

Кампањата на Харис најави дека доволно делегати од Демократската партија изјавиле оти ќе гласаат за неа кога таа формално ќе биде номинирана за кандидат за претседател на претстојната Демократската национална конвенција во август

Фото: Chairman of the Joint Chiefs of Staff from Washington D.C, United States, CC BY 2.0, via Wikimedia Commons

Кампањата на Камала Харис соопшти дека обезбедила поддршка од доволно голем број делегати од Демократската партија за да биде номинирана за официјалниот кандидат на својата партија на претстојните претседателски избори во САД во ноември, пренесува Гардијан.

Таа ќе биде официјално номинирана за демократскиот кандидат за претседател на Демократската национална конвенција (ДНК) во август.

„Кога ја најавив мојата кампања за претседател, реков дека имав да ја заслужам оваа номинација. Вечерва, горда сум да соопштам дека ја обезбедив поддршката потребна за да станам кандидат на нашата партија“, стои во соопштението на кампањата на Харис.

Харис им се заблагодари на делегатите од нејзината матична Калифорнија, чија поддршка била клучна за да добие мнозинство од гласовите.

Поранешната спикерка на претставничкиот дом Ненси Пелоси вчеравечер поднесе предлог да се номинира Харис за претседател на виртуелниот состанок на калифорниската делегација на ДНК, потврди нејзиниот портпарол. Пелоси потврди дека потпретседателката обезбедила доволен број на делегати.

Откако Џо Бајден најави дека нема да се кандидира на претседателските избори и официјално ја даде својата поддршка за Харис, таа доби поддршка од проминентни Демократи, вклучувајќи ги сите 50 лидери на државните седишта на Демократската партија.

За помалку од два дена, кампањата на Харис освои донации во вредност од повеќе од 80 милиони долари.

„Овие избори ќе покажат јасен избор помеѓу две различни визии. Доналд Трамп сака да ја врати нашата земја во време кога многумина од нас немаа еднакви права и не ги имаа сите слободи. Јас верувам во иднина која ја зајакнува нашата демократија, ја штити репродуктивната слобода, во која секој човек има можност не само да преживее, туку и да просперира“, соопшти Харис.