Јавното обвинителство ја испитува сообраќајката на автобусот на ЈСП

Надлежниот јавен обвинител ќе ги испита и наводите што се изнесени преку јавно искажани изјави од учесници во настанот и од други лица со кои се укажува на незаконитости во работењето на ЈСП Скопје

Фото: Мета.мк

Основното јавно обвинителство Скопје соопшти дека презема дејствија за испитување на настанот кој се случи претходно месецов, кога автобус на ЈСП Скопје изгуби контрола и заврши на жардиниерата на булеварот “Гоце Делчев”, при што со телесни повреди завршија возачот на автобусот и двајца патници.

Автобус на ЈСП Скопје заврши врз жардинерите кај ТЦ „Мавровка“ – Повредени се возачот и еден патник

„Надлежниот јавен обвинител ќе ги испита и наводите што се изнесени преку јавно искажани изјави од учесници во настанот и од други лица со кои се укажува на незаконитости во работењето на ЈСП Скопје, во поглед на исправноста и одржувањето на автобусот со кој се случи незгодата“, се вели во соопштението на Јавното обвинителство.

Од таму додаваат дека е ангажирано вешто лице од областа на машинството и е издадена наредба за преземање мерки до МВР, за да обезбеди податоци и документација од ЈСП Скопје во однос на одржувањето, сервисирањето и исправноста на автобусот, како и организацијата на работниот процес.

„Согласно наредбата, во присуство на вештото лице ќе се изврши проверка на исправноста на автобусот“, се вели во соопштението.