Јанез Јанша со убедлив пораз по изборите во Словенија заминува од премиерското место

Љубљана; Извор: anikinearthwalker on Pixabay

По повеќе од две години премиер на Словенија, Јанез Јанша ќе мора да си замине од премиерското место по резултатите од парламентарните избори што се одржаа вчера во Словенија. Неодамна формираната опозициска партија Движење Слобода на менаџерот Роберт Голоб освои 34,5 отсто од гласовите или 41 од вкупно 90 места во словенечкиот парламент, јавува Гардијан.

Десниот популист Јанез Јанша и неговата партија СДС освоија 23,6 отсто од гласовите и во парламентот ќе има 27 пратенички места. Победата на новата зелено-левичарска партија на Голоб е поголема од кога било претходно во историјата на словенечките парламентарни избори, исто како и високата излезност на гласачите – 68 отсто од избирачите запишани во избирачкиот список.

Само три други партии успеаја да влезат во словенечкиот парламент – конзервативната Нова Словенија со 7 отсто (8 места), Социјалдемократите со 7 отсто (7 места) и Левица со 4 отсто од гласовите (5 места). По едно место во парламентот добија и претставниците на унгарското и италијанското малцинство во парламентот. Покрај претставниците на малцинството, за да формира влада Голоб во претстојниот период е извесно дека ќе има разговори со Социјалдемократите и Левицата.

„Ужасно ми е жал што не успеаја сите партии да влезат во парламентот бидејќи мислам дека различноста збогатува. Во оваа ситуација гледам дека можеме брзо да формираме влада“, изјави Голоб по соопштувањето на изборните резултати.

Политичкиот аналитичар Миха Ковач за Гардијан вели дека на изборите биле мобилизирани да излезат помладите гласачи и граѓанското општество.

„Гласањето беше глас против Јанша. Против Словенија да го фати патот на Унгарија, против илибералната демократија во Словенија, против преземањето на јавниот сервис од владата, против контрола на судството“, изјави Ковач.

Јанез Јанша покрај изминативе две години, и претходно беше премиер во периодот од 2004 до 2008 и меѓу 2012 и 2013 година, кога беше сменет поради корупциски скандал.