Јаневска: Потребна е Национална стратегија за образование, за која ќе има политички консензус

„Немаме време да се фокусираме само на еден или неколку елементи, туку повеќе промени ќе се одвиваат паралелно во основното, средното и високото образование", додаде Јаневска

фото: Министерство за образование и наука (МОН)

Министерката за образование и наука проф. д-р Весна Јаневска денес гостуваше во емисијата „360″ на МТВ, каде говореше за состојбите во образованието и за приоритетите на кои ќе се фокусира за време на мандатот.

„На државата ѝ е потребна Национална стратегија за образование во која ќе се постават принципи за создавање на квалитетен образовен систем во Македонија и ова е една од целите во нашата програма. Тоа ќе биде документ кој ќе го прифатат сите или повеќето политички субјекти и на некој начин ќе биде работна програма за подигнување на квалитетот на образованието. Доколку постигнеме таков консензус, би било добро тој документ да го прифати и Собранието,” изјави министерката Јаневска во емисијата.

Таа посочи дека на самиот почеток детектирала многу проблеми кои мора итно да се надминат.

„Немаме време да се фокусираме само на еден или неколку елементи, туку повеќе промени ќе се одвиваат паралелно во основното, средното и високото образование”, додаде Јаневска.

Информираше дека во соработка со другите надлежни институции се заложува за
обезбедување учебници за сите ученици во основните училишта, имајќи предвид дека
„во време на претходната Влада не е испечатен ниту еден учебник за седмо одделение, а 90 отсто не се ниту одобрени“.

Министерката Јаневска повтори дека заедно со Бирото за развој на образованието ќе се ревидира Концепцијата за основно образование.

Новата министерка најави дека работа на училиштата во една смена и целодневна настава за учениците е исто така во фокусот на нејзините политики.