Инвестиции и зголемено производство на енергија од обновливи извори, приоритети во енергетиката до 2023

Зголемено количество на енергијата произведена од обновливи извори на енергија (ОИЕ), нови инвестиции и подобрување на енергетската ефикасност остануваат едни од главните цели на енергетската политика во наредниот период. Енергетскиот сектор во РСМ треба да обезбеди: доверливо, сигурно и квалитетно снабдување на потрошувачите со енергија и со горива, забрзан економски развој и зголемена грижа и заштита на околината. Овие клучни цели треба да се остварат преку одржлив развој, намалување на зависноста од увозот и диверзификација на горивата.

Ова се посочува во делот за планираните реформи на пазарот за енергија, дадени во Нацрт-програмата за економски мерки за периодот 2021-2023 година, што ја донесе Министерството за финансии и ја усвои Владата на вчерашната седница, а која содржи 20 планирани реформски мерки за сите клучни сектори во државата.

До крајот на оваа година се очекува учеството на ОИЕ во финалната потрошувачка на енергија да изнесува до 23,9 отсто, според Акциониот план за ОИЕ на Министерството за економија, а до 2025 да достигне до 25 отсто. Во однос на зеленото сценарио во Стратегијата за развој на енергетиката до 2040 година, учеството на ОИЕ во финалната потрошувачка до 2030 година треба да биде 38 отсто. Инаку, според податоците на Државниот завод за статистика, уделот на ОИЕ во финалната потрошувачка во 2018 година е 18,2 отсто, а во 2019 година 16,8 отсто, при што намалувањето се должи на неповолните хидролошки услови и помалото производство на електрична енергија од хидроцентралите.

Вкупниот инсталиран капацитет на производители на енергија од ОИЕ во државава во 2019 година изнесувал 766,37 мегавати, а најголемо е учеството на малите и големите хидроцентрали, 598,08 мегавати, додека најмало е на електраните кои работат на биомаса, 0,60 мегавати.

За проекти во ОИЕ на локално ниво во наредните три години се планира да се потрошат по околу 2 милиони евра годишно, од кои дел ќе бидат буџетски средства.

„Користењето на обновливата енергија нуди важни придобивки за економскиот развој, локалните самоуправи собираат данок на имот, приход и други плаќања од сопствениците на проектите за обновлива енергија. Овие приходи можат да помогнат во поддршката на виталните јавни услуги, особено во руралните заедници. Проценетите трошоци за активностите за спроведување на оваа мерка се околу 2.087.000 евра за 2021 година, од кои 1.225.000 евра се буџетски средства, а остатокот е техничка помош од донатори. Додека во 2023 година овие средства се планирани да изнесуваат 1,7 милиони евра само од буџетски извори“, се посочува во Нацрт-програмата.

Според веќе потпишаните 35 договори, годинава треба да се инсталираат фотоволтаични централи во земјава со вкупна моќност од 62 мегавати и тие треба да бидат во функција до 2023 година. Владата планира годинава да продолжи со оваа мерка, со објавување на нови јавни повици за дополнителни инсталирани капацитети од фотонапонски централи.

Според Нацрт-програмата, инвестициите во ОИЕ се неопходни за намалување на емисиите на стакленички гасови.

„Во РСМ емисиите, како сооднос со БДП, се петпати поголеми од просекот во ЕУ, и потребни се значителни инвестиции за нивно намалување до 2040 година. Лигнитот е одговорен за 70 отсто од сите емисии на CO2. Тешката индустрија (железо и челик, обработка на руда и цемент), слабо изолираните градби и неефикасните уреди како и малиот процент на употреба на ОИ во домаќинствата придонесуваат за висока емисија на стакленички гасови“, се констатира во документот.

Затоа, потребни се дополнителни инвестиции за зголемување на капацитетите од ОИЕ и за постигнување на целите за енергетска ефикасност. Истовремено, експанзијата на обновливите извори ветува и можност за нови работни позиции и ја намалува зависноста од увоз на енергија.