За првпат годинава, индустриското производство во март бележи зголемување. Според податоците на Државниот завод за статистика, индексот на индустриското производство во март 2021 година, во однос на март 2020 година, изнесувал 107.6, односно пораснал за 7,6 отсто. И покрај ваквиот раст, индексот на индустриското производство во првиот квартал годинава, во однос на периодот јануари – март 2020 година, бележи намалување од 6,1 отсто.

Гледано по сектори, индустриското производство во секторот Рударство и вадење на камен во март 2021 година, во однос на март 2020 година, бележи опаѓање од 2,3 отсто, во секторот Преработувачка индустрија бележи пораст од 6,2 отсто, а во секторот Снабдување со електрична енергија, гас, пареа и климатизација пораст од 31 отсто.

Зголемувањето во секторот Преработувачка индустрија е резултат, пред сѐ, на зголеменото производство во следните оддели: Производство на прехранбени производи, Производство на текстил, Производство на хемикалии и хемиски производи, Производство на други неметални минерални производи, Производство на метали, Производство на електрична опрема, Производство на машини и уреди, неспомнати на друго место и Производство на моторни возила, приколки и полуприколки.

Според главните индустриски групи, производството во март 2021 година, во однос на март 2020 година, бележи пораст кај Интермедијарни производи, освен енергија за 20,3 отсто и Нетрајни производи за широка потрошувачка за 7,6 отсто, додека опаѓање бележи кај Енергија за 1,9 отсто, Капитални производи за 0,5 отсто и Трајни производи за широка потрошувачка за 2,8 отсто.

Според податоците на Државниот завод за статистика, индексот на бројот на работниците во индустријата во март 2021 година, во однос на март 2020 година, изнесува 97.0. Покрај намалувањето на бројот на вработени од 3 отсто во март 2021 година, за целиот прв квартал забележано е намалување на бројот на вработени од 3,5 отсто во однос на јануари-март 2020 година.

Бројот на работниците во секторот Рударство и вадење на камен во март 2021 година, во однос на март 2020 година, бележи опаѓање од 6,6 отсто, во секторот Преработувачка индустрија опаѓање од 2,7 отсто, а во секторот Снабдување со електрична енергија, гас, пареа и климатизација опаѓање од 3 отсто.

Според главните индустриски групи, бројот на работниците во индустријата во март 2021 година, во однос на март 2020 година, бележи опаѓање кај Енергија за 3,8 отсто, Интермедијарни производи, освен енергија за 2,1 отсто, Капитални производи за 2,4 отсто и Нетрајни производи за широка потрошувачка за 4 отсто, додека пораст бележи кај Tрајни производи за широка потрошувачка за 3,4 отсто.