Photo by Dominik Vanyi on Unsplash

Пандемијата на ковид-19 продолжува негативно да влијае врз македонската индустрија. Индустриското производство во јануари 2021 година било намалено за 13,5 отсто во споредба со идентичниот месец лани. Бројот на работниците во индустријата во првиот месец од 2021 година бил намален за 3,7 отсто во однос на истиот месец од 2020 година, покажуваат податоците на Државниот завод за статистика (ДЗС).

„Гледано по сектори, индустриското производство во секторот Рударство и вадење на камен во јануари 2021 година, во однос на јануари 2020 година, бележи опаѓање од 34,3 отсто, во секторот Преработувачка индустрија бележи опаѓање од 9,4 отсто, а во секторот Снабдување со електрична енергија, гас, пареа и климатизација опаѓање од 11,7 отсто“, се наведува во соопштението на ДЗС.

Во секторот Преработувачка индустрија, статистичарите пресметале дека намалувањето е резултат пред сѐ,на намаленото производство во следните оддели: Производство на прехранбени производи, Производство на текстил, Производство на облека, Производство на основни фармацевтски производи и фармацевтски препарати, Производство на други неметални минерални производи, Производство на фабрикувани метални производи, освен машини и опрема и Производство на моторни возила, приколки и полуприколки.

Според главните индустриски групи, производството во јануари 2021 година, во однос на јануари 2020 година, бележи опаѓање кај Енергија за 31,9 отсто, Интермедијарни производи, освен енергија за 0,5 отсто, Капитални производи за 18 отсто, Трајни производи за широка потрошувачка за 20 отсто и Нетрајни производи за широка потрошувачка за 8,3 отсто.

Бројот на работниците во секторот Рударство и вадење на камен во јануари 2021 година, во однос на јануари 2020 година, бележи опаѓање од 7,2 отсто, во секторот Преработувачка индустрија опаѓање од 3,5 отсто, а во секторот Снабдување со електрична енергија, гас, пареа и климатизација опаѓање од 2,9 отсто.

Според главните индустриски групи, бројот на работниците во индустријата во јануари 2021 година, во однос на јануари 2020 година, бележи опаѓање кај Енергија за 3,7 отсто, Интермедијарни производи, освен енергија за 4,9 отсто, Капитални производи за 1,4 отсто, Tрајни производи за широка потрошувачка за 3,3 отсто и Нетрајни производи за широка потрошувачка за 4,1 отсто.