Актуелниот хрватски премиер Андреј Пленковиќ и неговата владејачка партија ХДЗ оствarија убедлива победа на вчерашните парламентарни избори во Хрватска, и покрај анкетните истражувања кои пред изборите укажуваа на неизвесна изборна трка. Според 99,91 отсто од преброените гласови на вчерашните избори, ХДЗ успеа да добие 66 мандати од хрватскиот парламент којшто брои 151 пратеник, јавија хрватските медиуми.

Неочекуван пораз доживеа опозициската коалиција „Рестарт“, предводена од Социјалдемократската партија на Хрватска и нејзиниот предводник Давор Бернардиќ. Тие успеаја да освојат само 41 мандат во Саборот, овозможувајќи ѝ на тој начин на владејачката ХДЗ поедноставно да ја формира новата хрватска влада. Гласовите кои не успеаја да ги добијат социјалдемократите, се чини дека на овие избори ги распределија серија на помали политички партии, кои се големото изненадување на овие избори.

Платформата „Можеме!“ составена од неколку партии од зелените и левицата успеа да освои седум мандати во хрватскиот парламент, како и да оствари добар резултат во Загреб. Во парламентот со осум мандати влезе и партијата „МОСТ“ на Божо Петров, како и „Татковинско движење“ на Мирослав Шкоро, која што успеа да освои 16 мандати. Либералната коалиција „Паметно, Фокус, ССИП“ се стекна со три мандати, додека ХНС и реформистите освоија по 1 мандат во идниот состав на Саборот. Покрај овие партии, во хрватскиот парламент влегоа и осум избраници на малцинствата во оваа земја.

Ваквите изборни резултати ќе му остават простор на владејачкиот ХДЗ и актуелниот премиер Пленковиќ да бираат со која политичка партија би формирале парламентарно мнозинство и би влегле во составување на новата хрватска влада. Сепак, она што ги одбележа вчерашните хрватски избори е рекордната ниска излезност на граѓаните. Правото на глас го оствариле само 46,85 отсто од вкупниот број на гласачи впишани во Избирачкиот список, што претставува најлоша излезност во историјата на хрватската демократија.