Груевски на „Фејсбук“: Изборот на Џафери за спикер е диктаторски акт

Талат Џафери влезе во кабинетот на претседателот на Собранието со брутално кршење на Уставот, законот и на деловникот на Собранието и сè што во иднина би се донело со негово учество, потпис ќе биде плод на диктаторски акт за назначување претседател на Собранието, напиша денеска на „Фејсбук“ лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски.

„Во демократско општество, владеењето на мнозинството доколку не се заснова врз начелото на владеење на правото, всушност, преставува и се нарекува „диктатура“. Ниедна демократска влада во светот не смее да биде избрана со кршење на начелото на владеење на правото. Тоа на самиот почеток претставува диктатура. Многу диктаторски влади биле признати од демократски системи, од една или друга причина. Тоа нема да ја смени сликата. Ниту, пак, дека имале мнозинство, за кое немаше ниту запис, броење, стенограм и слично, за противзаконскиот и противуставен акт“, напиша Груевски на својот фејсбук-профил.