Груби: Официјалната употреба на албанскиот јазик ќе го зајакне општеството

Официјалната употреба на албанскиот јазик ќе го зајакне општеството и ова е еден од клучните столбови од платформата на ДУИ за изборите на 11 декември, изјави на прес-конференција портпаролот на ДУИ, Артан Груби, кој е носител на кандидатската листа во првата изборна единица.

– Иако македонскиот општествен наратив беше драматичен во врска со промената на Уставот, Законот за амнестија, Законот за територијална поделба, децентрализацијата, употребата на албанскиот јазик во многу државни и локални органи, службената употреба на албанското национално знаме, воспоставувањето на двата албански универзитети, вработувањето на околу 25.000 Албанци во администрација, поставувањето на орелот во Чаир, како и со многу други национални проекти на ДУИ, сепак ништо лошо не ѝ се случи на Македонија, ниту на македонскиот народ – вели Груби.

Тој вели дека македонското општество станало еднакво, потолерантно и кохезивно, а дека Македонија ќе стане посилна доколку се одобри посебен закон за употреба на албанскиот јазик во парламентот.

Груби истакна дека ДУИ, за време на владеењето во периодот 2016 – 2020 година, ќе биде посветена на тоа да се спроведат Охридскиот договор и Уставот, да се воведе еден сеопфатен закон за употребата на јазиците, да се регулира правото на сите граѓани да се обратат на централните институции и на албански јазик, како и на целосно спроведување на јазичните права во судскиот сектор.

Тој посочи дека никој нема потреба да се плаши од еднаквоста што ќе дојде по 11 декември.